На своето прво и единствено породување во болницата во Осијек, Хрватска, доживеав од медицинските сестри третман каков што ни на животно никој не би смеел да му го приреди. Сестрите ме нарекуваа крава, глупава и стока (бидејќи веројатно требаше да им пеам, а не да викам од болка). Тие постојано врескаа дека смрдиме и дека ваква грозотија досега немале видено. Ми се закануваа и пцуеја да не ги туркам и да бидам тивка. Ова е само една приказна од многуте на хрватските жени кои решиле да го прекинат молкот за злоупотребувањето кое го претрпеле при породување.
Здружението РОДА (RODA)-„Родители во акција“ по повод деновите за насилство против жените со слоган „Да го прекинеме молкот“, ги повикаа жените да го споделат своето лошо искуство при породување, како бунт против традиционално вкоренетиот став дека за лошото искуство со породување не се зборува и дека единствено е важно што тоа резултирало со здраво дете. Жените од Хрватска ги искажуваат своите искуства, а многу од нив доживеале и психичко и физичко малтретирање и понижување.
Приказна од болницата во Осијек
– Дојдов во болница со болки и крварење веќе во 30 недела. Вечерта ја повикав сестрата бидејќи имав контракции на секои три минути, а нејзиниот одговор беше: не измислувајте, и онака не можеме ништо да направиме до утрото. Утрината наодите беа катастрофални, имав цела ноќ болки и температура. Бараа од мене да потпишам дека се согласувам со царски рез. При породувањето бебето го оживуваа, не дишеше, имаше крварење на мозокот… Уште еднаш ако треба да се породам во КБЦ Осијек би повела адвокат со мене – стои во едно од писмата на револтираните жени.
Копривница
Имав 17 години. Тие мислеа дека поради годините можат спрема мене да се однесуваат како према ѓубре. Поголемиот дел од времето го поминав сама. Кога почна породувањето бабицата го тргна параванот и беше безобразна и груба. Кога и реков дека ме боли, ми одговори: „додека си се е***а не те болело“. Бев посрамотена, не смеев ни да вриснам, таа веднаш ќе станеше погруба. Кога веќе не можев да издржам и реков дека ќе го убијам детето, па тогаш бабицата ми скокна на стомакот и конечно беше готово. За жал, ни сестрите на одделот не беа нешто подобри. Буквално ми ставија страв во коски, вели една млада девојка.
За докторите е неразбирливо зошто жените молчат за ваквиот вид на злоупотреба.
– Толку многу се навикнати на вакво однесување што не можат да сфатат дека тоа не е прифатливо однесување. Од друга страна, жените не покренуваат тужби бидејќи тоа е многу тешко. Проблемот е што во Хрватска нема цврста законска рамка со која би се штителе жените, така што не им е ни малку лесно – вели потпретседателката на РОДА, Даниела Драндиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.