Документарен филм кој што е снимен во Франција изнел докази кои тврдат дека модната креаторка и икона Габриел „Коко“ Шанел давала информации на нацистичката влада за време на Втората светска војна.
Документарецот „Сенка на сомнежот“ кој се емитувал на државниот канал „Франце 3“ објавил архивски документи на француското Министерство за одбрана кои покажуваат дека Коко соработувала со Абвер, нацистичка информативна служба.
Ова откритие не е сосема ново, во книгата од 2011 година, која ја напишал американскиот историчар Хал Вон, зборува за нејзината афера со офицерот Абвер, баронот Ханс Гунтер фон Динклаџ, како и за нејзиниот операции во својство на агент Ф-7124. Меѓутоа, тоа што е фасцинантно е дека за ова се зборува на национална телевизија, со оглед на тоа дека се работи за табу тема во модерната Франција, пишува „Тајмс“.
Во емисијата е споменат и напнатиот однос кој што го имала Коко Шанел со Евреите, на кои уште во 1924 година им го продала својот бизнис со парфемите, а таа се обидувала со помош на нацистите да го врати под своја контрола.
Овој документарен филм исто така наведува дека Коко во 1943 година била испратена во Мадрид, во обид да склучи примирје со британските власти кои што биле таму стационирани, но Винстон Черчил не и одговорил.
Исто така биле истражувани и животите на други истакнати француски личности од тоа време, кои живееле под нацистичка окупација, вклучувајќи ги и уметниците како што се Едит Пјаф и Морис Шевалије.
Како што пренесува „Франс24“, документарецот добил добри критики поради реалната претстава на оние кои имале тешки избори со кои се соочувале, додека живееле под нацистичка контрола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.