| четврток, 6 декември 2018 |

Извештајот на ЕК на 16 април

eu znameЕден ден по вториот круг на локалните избори во Македонија, односно на 8 април, Европскиот парламент ќе гласа за резолуцијата, со која, всушност, се дава мислење на законодавниот дом за октомврискиот извештај на Комисијата, кој, како што е познато, беше најпозитивен.

Специјалниот пролетен извештај на ЕК, пак, за резултатите од заклучоците на последниот самит на Советот за Македонија, односно добрососедството со Бугарија, развивањето на преговорите со Грција и резултатите од пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) ќе биде готов и објавен на 16 април. Него, според воспоставената практика на Комисијата, го разработуваат сите одделенија во неформалната влада на ЕУ, а дента ќе го објави еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Според извори во ЕК, доколку сè биде во ред со одвивањето на локалните избори и тие поминат мирно и демократски, со сигурност може да се очекува и овој вонреден извештај на Комисијата да биде позитивен, а со тоа на Европскиот совет да не му остане ништо друго освен во јуни да определи датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата. Според најавите, во јуни може да се очекува да биде дадено зелено светло за почеток на т.н. процес за усогласување на европското со домашното право и закони, а до крајот на оваа година и формално да почнат пристапните преговори, при што како време се споменуваат септември и декември.

Што се однесува до гласањето за резолуцијата за Македонија од страна на Европскиот парламент, по одложувањето од 4 март поради политичката криза,  известувачот Ричард Ховит побара законодавниот дом на ЕУ да го даде финалното мислење на 8 април, што е еден ден по завршувањето на вториот круг од локалните избори во Македонија. Во оваа резолуција, според најавите, голем дел од амандманите би биле споени во помалку со цел полесно да бидат усвоени, а политичките случувања се очекува да заземат место во еден параграф, со тоа што на крајот би било забележано дека кризата е надмината.

Инаку, комесарот Филе и делегација на Директоратот за проширување, неделата меѓу 25 и 1 март (по првиот круг на локалните избори), се очекува да дојдат во Скопје во рамки на четвртата рунда од ХЛАД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top