| четврток, 6 декември 2018 |

Собраниската комисија е за одземање на мандатите на отсутните пратеници, предлогот ќе оди на собраниска седница

Sednica za nova vlada 02 (Custom)

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетски прашања почна со разгледување на отсуствата на пратениците. Денеска се разгледува извештајот за редовност на пратениците во првите шест месеци од конституирањето на овој парламентарен состав, во чијашто работа опозицијата не учествува од самиот почеток. Седницата е во тек, се разгледуваат отсуствата на секој пратеник поединечно, и досега Комисијата за сите разгледани се изјасни за одземање на пратеничките мандати. За десетина пратеници е донесена едногласна одлука за одземање на мандатот.

Врз основа на Извештајот доставен до оваа Комисија е утврдено дека во периодот од 10 мај до 10 ноември 31 пратеник од опозициската СДСМ не присуствувале, не учествувале, ниту, пак, го известиле претседателот на Собранието дека оправдано ќе отсуствуваат од 40 седници. Претседателот на комисијата Александар Николовски рече дека овие 31 пратеник од СДСМ и коалицијата неоправдано отсуствувале повеќе од шест месеци од работата на парламентот и врз основа на Деловникот и Уставот, побарано е од Комисијата да се изјасни.

 Опозициските пратеници во моментов се евидентирани како пратеници во оставка. Евентуалното забележување на нивните отсуства како неоправдани би можело да биде основа за одземање на мандатите, за што, сепак, одлучува собранискиот пленум, со минимум 82 гласа за секој пратеник поединечно. Во случај, пак, да се утврди дека парламентарната опозиција е во бојкот, тогаш не се исклучува можноста за намалување на пратеничките плати за две третини од нивните редовни примања.

Предлогот што ќе го донесе Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања собранискиот пленум треба да го разгледува на првата наредна седница. Првата нова собраниска седница засега е најавена за 15 декември, што укажува на можно купување време за надминување на парламентарната криза со политички решенија или евентуално за одржување статус кво ситуација – барем до Европскиот самит, кон средината на овој месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top