Претседателот на Европскиот парламент (ЕП) Мартин Шулц изјавил дека со Русија постои „затегната состојба“, која не смее да излезе надвор од контрола.
Во интервју за виенски „Куриер“, Шулц изјавил дека Русија е членка на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) со право на вето и има обврска да го брани меѓународното право и нема слобода за да го прекрши.
-Кога ќе се случи такво нешто тогаш мора да се каже дека е доста и дека не може понатака. Патот кон санкциите беше долг, но на крајот тие беа неизбежни. Русија е наша соседна земја и не може се да се промени за еден ден, со магично стапче. Владимир Путин има голема поддршка од руското население, и поради тоа ние мора да пронајдеме „модус вивенди“ – објаснил Шулц.
Тој додал дека поради ова го поддржува начинот на шефот на германската дипломатија, Франк Волтер Штајнмајер, односно дека мора да се повлечат граници, истовремено оставајќи отворени врати за преговори.
Шулц истакнал дека Русија во суштина е партнер на ЕУ и дека тоа треба да се стави до знаење, но дека партнерството може да функционира само на рамноправна основа.
На прашањето дали е вознемирен поради тоа што Путин се обидува да изгради десничарска мрежа во Европа, тој рекол дека е радосен поради тоа што „антиграѓанскиот, антидемократскиот и антиплуралистичкиот став на десничарско-популистичките партии“ конечно испливал на виделина.
– Тој „путинизам“, кој е олицетворение на обновувањето на националните мнозинства наспроти декаденцијата на западниот свет, наидува на плодно тло кај десничарските популисти. Меѓутоа ме нервира ладнокрвноста која делува кај двете страни. На граѓаните во нашите земји мора да им се каже дека тие луѓе во моментов го покажуваат своето вистинско лице. Госпоѓата Марин Лепен не сака никаква демократска структура, таа сака авторитарна држава. Кој гласа за таа партија, добива путинизам – нагласил претседателот на Европскиот парламент.
Што се однесува до ЕУ, Шулц нагласил дека таа била повеќедецениско ветување за подобрување на условите за сите граѓани.
-Тоа ветување и понатаму постои, но не се почитува. На младите луѓе на ЕУ веќе не им се нуди стабилност и безбедност, туку нерегулирани пазари и полудени банки, кои шпекулираат и го расипуваат народниот имот“, смета Шулц, додавајќи дека ЕП работи многу за да делува против ова, преку наметнувањето на банкарската унија, односно инсистира вложувачите и сопствениците на банките да сносат одговорност за преземените ризици, а не како досега, тоа да бидат даночните обврзници.
Што се однесува до инвестицискиот план на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер од 315 милијарди евра, Шулц изјавил дека се работи за огромна бројка, која сепак не е доволна, но е почеток за промена на курсот.
– Досега во Европа водевме економско-теоретски дебати. Прашањето е дали е исправна тезата дека одржливата консолидацја на буџетот ќе води кон враќање на довербата на инвеститорите. Тоа е теза која е застапена од германската канцеларка Ангела Меркел. Одговорот е „не.“. Поради тоа е и планот на Јункер, да постојат пари кои не се наменети за шпекулации, туку за реална економија – објаснил тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.