Политичката борба меѓу Западот и Русија за влијание врз Србија се повеќе се заострува, oценува белградска „Политика“.
Според весникот, во рамките на „меката дипломатија“ за поправање на својот имиџ во светот и за зголемување на влијанието, Москва ја интензивираше активноста на српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш и ја зајакна медиумската служба во Србија.
Србија е поволна почва за руско влијание, имајќи предвид дека Владата во Белград постојано балансира меѓу посветеноста на европските интеграции и расположението на обичните Срби, меѓу кои мнозинството чуствуваат поголема приврзаност кон Русија, отколку кон Западот.
„Политика“ потсетува дека минатиот месец Русија ја зајакна својата медиумска служба со цел да противтежи на „агресивната западна пропаганда“, најавувајќи отворање канцеларии во многу земји во светот, вклучувајќи ја и Србија.
Главниот и одговорен уредник на „Русија сегодња“ за Србија, Љубинка Милиќиќ објави дека нејзиниот медиум ќе заполне со работа до крајот на годината, а веќе на почетокот на 2015-та ќе биде отворен и радио сервис.
Западните дипломати предупредуваат дека „руски пари“ би можеле лесно да најдат начин да влезат во медиумите во Србија, како и дека своето присуство во земјата би можеле да го зајакнат руски невладини органиции, па дури и политички партии, иако засега нема докази за нешто такво, наведува „Политика“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.