| четврток, 6 декември 2018 |

Македонското оро „Копачка“-официјално на листата на УНЕСКО

Македонското оро Копачка е впишано во листата на заштитено нематеријално културно наследство на УНЕСКО на последното заседание одржано во Париз за што одлучуваше комитет составен од претставници од 24 земји.

Копачка е автентично машко оро во изведба на истоименото Културно уметничко друштво од село Драмче. Ова е од големо значење за нашата земја бидејќи со тоа Македонија ја легитимира сопствената култура, традиција и идентитет во меѓународни рамки, беше истакнато на денешната прес конференција.

-Впишувањето на Копачката претставува еден историски чин и е од големо значење за нашата држава, што се најде како второ пишано богатство на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, рече Лидија Топузовска, генерален секретар на национална комисија на УНЕСКО за  Република Македонија.

-Препознатливоста на звукот од тапаните, автентичноста, уникатноста на елементите на Копачката прикажани преку движењата на играорците заедно со убавината во едноставноста на носиите од Пијанечкиот регион, се можеби мали нешта, но по својот дух и богатство тие се типичен репрезент на раскошот и карактерот на нашиот народ кој што живеел на овие простори од памтивек, рече Дарко Шехтански, градоначалник на Делчево.

Изборот за конкурирање го направија етномузикологот Ивона Опетчевска Татарчевска и етнокореологот Велика Стојкова Серафимова од Институтот за фолклор Марко Цепенков, а во процедурата која траеше три години беа вклучени и Управата за заштита на културното наследство, Националната комисија за култура на УНЕСКО за Република Македонија и Министерството за култура. Фолклорната група Копачка постои од 1948 година, од тогаш орото Копачка било презентирано на организиран начин.

-Се редеа голем број успеси и настапи на фестивали, каде секој пат групата беше пофалувана како пример како треба да се негува и презентира изворниот македонски фолклор, изјави Димитар Узунски, КУД Копачка.

Орото Копачка е второ нематеријално културно наследство од Македонија запишано на листата на УНЕСКО по уникатниот обичај од штипско – Четрсе, кој влезе минатата година. А Република Македонија конкурира и со пеењето Гласоечко од Долни Полог.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top