
Република Македонија својата иднина треба да ја гради преку ангажман на млади образовани кадри, изградени личности кои со своите професионални вештини и знаења ќе придонесат за нејзиниот натамошен општествен развој. Тоа е пораката што беше упатена од учесниците на Конференцијата за млади лидери што под покровотелство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов се одржа во Охрид.
На собирот „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“ учествуваа претставници на петте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов на годишно ниво се одржува од 2010 година.
За професорот Драган Стефановиќ од САД, целта на школата била да се организира обука за триесет и пет млади луѓе годишно, личности со голем потенцијал кои можат на најразлични начини да придонесат за натамошниот развој на Македонија.
– Пет години предавам на оваа школа и сметам дека само еден поглед врз нив го покажува големиот потенцијал што го поседуваат. Овие млади луѓе се иднината на Македонија, не треба многу време разговор со нив за да осознае нивната посветеност, нивната желба за стекнување нови знаења и црпење вештини од искуствата на повозрасните. Тука има лекари, правници, економисти, луѓе од сите општествени сфери, млади лица кои се мошне добро образовани, а на кои им е потребно искуството од нас постарите, за нивно натамошно доофорумување во професионално изградени личности – истакна Стефановиќ.
Неговиот колега Мухамед Мешиќ од Универзитетот во Виена во посетувачите на школата гледа идни лидери, млади луѓе кои се подготвени да се соочат и справуваат со предизивиците пред кои ќе биде соочена Македонија.
Тие се иднината на земјата, но имаат и мошне голема одговорност кон државата и нејзините граѓани. Оваа школа за млади лидери е една од инвестициите преку кои Македонија ја осигурува својата иднина. Овие луѓе имат голема одговорност, она што го научија тука да го пренесат во областите на своето делување и професионален ангажман, каде ќе се изврши мултипликација на знаењето, истакна тој.
Пораката што им ја упати од говорницата на учесниците беше да ја понесат одговорноста, да ја земат во свои раце и преку контакти со луѓето да изградат поширока мрежа што ќе биде во полза на интересите на сите граѓани на Република Македонија.
За Елмас Хасановиќ, учесник на третата Школа за млади лидери учеството во неа претставува привилегија, имајќи ги предвид условите на изборот на самите ученици и можностите пто таа ги нуди да се учи од познати светски лидери, експерти во своите области, независно од која бранша доаѓаат.
Младите имаат прилика да учат од нивните искуства, знаењата што ги стекнале и со примена на различни методи и искуства да придонесат во областа во која делуваат и во општеството во целина, рече тој.
За Ангелка Илиоска од Прилеп важноста на Школата за млади лидери доаѓа оттаму што ги препознава младите како најважната алка за напредок во општеството.
Таа помага да ги развиваме нашите лидери потенцијали, не учи како да понесеме одговорност во донесување одлуки, промовирање позитивни вредности и понатаму да се иозградиме како личности кои ќе донесат позивитни промени во општеството, рече таа.
Дводневната конференција на сите генерации учесници на школата за млади лидери во Охрид ќе биде заокружена со трибина на тема „Придонесот на Асоцијацијата на млади лидери – Алумни во лидерството на следната деценија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


