Девизните пратки да се искористат за самовработување на младите лица, кои најчесто не можат да обезбедат финансии за отворање сопствен бизнис, порачуваат стручњаците.
Според најновото истражување на Универзитетот Американ колеџ Скопје, токму девизните пратки што ги добиваат семејствата можат да го зголемат самовработувањето на младите за 30 проценти доколку се искористат како финансиска поддршка.
Државата го поздравува предлогот, но, како што изјави директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, засега не може да го реализира затоа што е ограничена со ресурси.
– Пратките имаат висок развоен потенцијал, придонесуваат за намалување на сиромаштјата и за рамномерна распределба на доходот, но можат да имаат голема улога и во самовработувањето на младите. Затоа, не треба да се користат само за поттикнување на потрошувачката – рече денеска на прес-конференција проф. д-д Никица Мојсоска – Блажевски од Американ колеџ, презентирајќи ги заклучоците од Извештајот од истражувањето „Девизни дознаки, самовработување на млади и пазар на труд“.
И професорот Марјан Петрески, кој исто така беше дел од истражувањето, нагласи дека девизните пратки може да имаат голем ефект врз самовработувањето на младите.
– Анкетата покажува дека само 10 – 11 проценти од домаќинствата што примаат девизни пратки ги канализирале во бизнис. Притоа најчесто се основаат мали и микро претпријатија за земјоделска дејност, фризерски услуги, занаетчиство или продавнички – посочи Петрески.
За поттикнување на искористување на девизните пратки, професорите од Американ колеџ сугерираат неколку мерки: ослободување на младите од социјални придонеси во првите две години ако почнат сопствен бизнис, обезбедување 30 проценти буџетска поддршка и 50 проценти грант за тие што ќе се самовработат од девизните пратки, како и обезбедување субвенции за обуки за креирање бизнис-план за самовработување од девизните пратки, субвенционирање на трошоците за кредит за проширување на бизнисот во третата година, целосно царинско ослободување за увоз на капитални добра (машини, опрема, технологија, ѓубрива).
Препораки има и за надминување на дисбалансот на пазарот на труд каде, според професорите, доминира машката популација. Во овој сегмент се предлага обезбедување поддршка за претприемачките.
– Ја почитувам идејата, добра е секоја намера што го мотивира младиот човек да не биде невработен, да биде корисен за себе и за општеството, но во овој момент, во рамките на тоа што можеме да го направиме, сè уште е рано за вакви проекти. Овие мерки се користат секаде во Европа и светот, мотивирачки се за младите, но треба да се размисли колку сме ние финансиски подготвени. Планираме во наредниот период да имаме повеќе средства, но засега за 2015 година сме малку ограничени – рече Поповски.
Универзитетот Американ колеџ Скопје го спроведе истражувањето со поддршка на Партнерството за економска политика. Меѓу заклучоците стои дека младите етнички Албанци имаат поголема претприемачка склоност, најверојатно поради повисокиот износ на пратките од странство, кои ги добиваат како резултат на силните врски со дијаспората. Поголема веројатност за отворање сопствен бизнис има и кај младите од главниот град во однос на другите градови во државата.
Во согласност со истражувањето, девизните пратки создаваат зависност кај корисниците поради што е намалена веројатноста за почнување сопствен бизнис. Овој ризик се зголемува со зголемување на возраста на лицата.
Во Македонија досега се евидентирани 11.000 самовработувања преку кредитирање и обезбедување грант.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Владините субвенции го кренаа земјоделството на нозе – научната јавност ја поздравува нивната распределба
-
Иванов се запиша во историјата како бранител на државните интереси!
-
99 отсто од децата пијат премногу млеко
-
Според експертите: Граѓаните ќе гласаат за завршување на кризата и решавање на проблемите