| четврток, 6 декември 2018 |

Топузова-Каревска: Зошто Заев ги прикрива доказите?

Доколку некој поседува цврсти докази за каков било криминал, нанесување штета на државните интереси и слични дејства од страна на власта, веднаш треба да ги изнесе пред очите на јавноста, во спротивно се наметнува прашањето зошто се прикриваат доказите, со каква цел и за чија употреба, прашува Роза Топузова-Каревска, пратеничка од ЛДП која се „одметна“ од бојкотот и се врати во Собранието

Почна постапката за редовното „пребројување на присуството на работа“ во парламентот. Конечната одлука за одземање на мандатот на опозициските пратеници кои бојкотираат, сепак, ја има двотретинското мнозинство од пратениците. Каков исход очекувате?
Топузова-Каревска: Со самиот факт што Собранието не функционира во полн состав, не може да се каже дека има нормална атмосфера. Опозицијата има многу значајна улога во парламентарната демократија, нејзината задача е, пред сѐ, будно да ја следи работата на извршната власт, да ги детектира нејзините недоследности, да ја критикува лошата политика, да ги штити интересите на граѓаните и да нуди решенија за проблемите. Во отсуство на опозицијата, Владата е комотна при практикувањето на власта, предлага проблематични законски решенија и станува неодговорна при спроведувањето на законите. Точно е дека во Собранието почна законска и деловничка процедура во врска со отсуството на пратениците, но во една таква апсурдна ситуација не можам да претпоставам каков ќе биде исходот. Загрижувачки е што веќе седум месеци целокупната јавност се занимава со оставките на пратениците, додека народот секојдневно се соочува со тежок живот и со многубројни проблеми и додека во Собранието се изгласаа стотици закони без јавноста да слушне критичко мислење за нив. Сметам дека за излез од таа бесмислена ситуација, пред сѐ, се потребни политичка волја и одговорност.

 

Вие во Собранието сте прет­ставени како пратеничка од ЛДП. Солза Грчева и Љубица Буралиева се наведени како независни пратеници. ЛДП, иако вели дека бојкотира, преку Вас, гледано технички, е застапена во Собранието. Па, чии ставови застапувате, имате ли некаква координација со централата на партијата?
Топузова-Каревска: Не сум исклучена од ЛДП само затоа што статутот не дава таква можност, но имаше изјава на претседателот на партијата дека не смеам да ги застапу­вам ставовите на ЛДП во парламентот. Не знам дали го напиша најавеното писмо до претседателот Велјановски за да му го предочи тоа, но знам дека никој не може да го промени моето политичко убедување. Во Собранието, не само јас, сите пратеници треба да ги застапуваат интересите на народот, ќе посочам само еден пример: на седница за пратенички прашања, прва проговорив за алармантната и загрижувачка состојбата во која се наоѓа болницата во Прилеп. Во таа болница се лекуваат повеќе од 130.000 граѓани и работат околу 60 доктори и друг медицински персонал, сите тие се соочуваат со истите проблеми и лоши услови за работа и за лекување, без разлика на нивната партиска и етничка припадност. Болниците и останатите јавни установи им припаѓаат на сите граѓани, на партиски определените и на неопределените, токму нивните интереси ги застапувам и посветено се залагам за решавање на проблемите со кои се соочуваат секојдневно.

 

Од Вашиот лидер Андреј Жер­­новски произлезе и пот­врдата за раслоеност и на­рушено единство во опозициските редови. Колку Ваши партиски колеги сметате дека би можеле „да се тргнат од јамката“ на СДСМ? Колкумина од ЛДП би Ви се придружиле – по број, не мора по име?
Топузова-Каревска: Немам контакти со никого од партијата и немам информации како ќе се однесуваат останатите двајца пратеници од ЛДП. Доколку претседателот на ЛДП изјавил дека е нарушено единството во опозициските редови, логично е тој најдобро да ги знае односите меѓу партнерите во коалицијата и само тој може да ви го даде одговорот.

 

Roza-Topuzova-Karevska-int116-2

 

Способна ли е ЛДП да води самостојна политика без „големиот брат“ СДСМ? Некои тврдат дека можевте да го преземете приматот уште пред изборите.
Топузова-Каревска: ЛДП е партија со јаки поединци, со јасна визија за Македонија и, секако, дека има капацитет да води самостојна политика. Во насока на нејзино профилирање беше и самостојниот настап на парламентарните избори во 2011 година, но факт е дека политичката сцена во Македонија сѐ уште е строго поделена меѓу двете поголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ (мислам на македонскиот блок). Тогаш граѓаните не ја препознаа политичката понуда и платформа на ЛДП. И покрај добрата изборна програма, партијата, за жал, доживеа пораз. Иако три години дејствуваше како вонпарламентарна партија, многу вешто и успешно ја детектираше и укажуваше на погрешната политика на власта, беше релевантен фактор во македонската политика. Мислам дека е нескромно да говориме за примат, но секако дека можеше да одигра многу позначајна улога во креирањето на политиката.

 

Најавите за афера од раководството на СДСМ траат предолго. Уште подолго трае и играта на нерви во опозицијата. Дали очекувате, најавена на овој начин, афера која навистина може да ги промени силите на политичката сцена?
Топузова-Каревска: Сметам дека доколку некој поседува цврсти докази за каков било криминал, корупција, злоупотреба, нанесување штета на државните интереси, нарушување на меѓуетничките односи и слични дејства од страна на власта, веднаш треба да ги изнесе пред очите на јавноста, во спротивно се наметнува прашањето зошто се прикриваат доказите, со каква цел и за чија употреба.

 

Како долгогодишен парламентарец, учесник во кре­ирањето на политиката во земјава, гледате ли сега можност за техничка влада? Гледате ли опција со која раководствата на опозицијата, без жртви, би се „извадиле“ од ќор-сокакот во кој западнаа, враќајќи се во парламентот, но, пред сè, имајќи го предвид фактот дека нема место за „техничка влада“?
Топузова-Каревска: Мојот став го искажав со мојата пос­тап­ка: и тогаш и сега мислам дека сите проблеми со кои е об­ре­менета нашата земја се решаваат преку дијалог и, пред сѐ, во институциите на системот. Силна порака за исправноста на одлуката стигна од евроамбасадорот Аиво Орав, кој лично ни го предаде извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, чин кој трите пратенички нѐ легитимира како пратеници од опозицијата. На неодамнешната средба со шефот на одделот за Западен Балкан, надлежен за Македонија, Едуард Ауер и со неговиот соработник Јоханес Виерек добивме силна, безрезервна поддршка за нашето дејствување во парламентот. Според тоа, јасна е пораката како ЕУ и целиот демократски свет гледаат на решавањето на кризата. Од друга страна, пак, ако за опозицијата техничката влада е единствен услов за да се почнат преговори, занемарувајќи ги суштинските барања за спроведување на пописот и слободата на медиумскиот простор, а власта е децидна дека со победа од 200 илјади гласа нема простор за техничка влада, тогаш не е на повидок излезот од политичката криза, од која најголема жртва ќе биде Македонија.

 

Разговараше: Наум Стоилковски
(Интервјуто со Роза Топузова-Каревска е објавено во 116. број на неделникот Република, 21.11.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top