| четврток, 6 декември 2018 |

Јункер објаснува за аферата „Луксликс“

luxleaksЕден ден по повторно добиената доверба од Европскиот парламент, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во интервјуто за париски „Ле Монд“ се навраќа на аферата „Луксликс“ (планот за привлекување на капиталот во Луксембург на многубројни светски компании). Поранешниот премиер на Луксембург, притоа вели „Да, јас би го направил истото, моравме да ја диверзифицираме нашата економија, немавме друг избор“, јави МИА од Париз.

На почетокот на ноември, повеќе медиуми, меѓу кои и париски „Ле Монд“ го обелоденија системот за избегнување на плаќањето данок организиран од Луксембург, афера што го доби името „Луксликс“.

Новиот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер беше премиер на Луксембург од 1995 година до 2013 година. Во интервјуто за „Монд“, тој ја презеде одговорноста за планот на неговата земја да привлече странски капитал.

– Да, јас би го сторил истото, моравме да ја диверзифицираме нашата економија, немавме друг избор – објаснува Јункер. За да го оправда тоа, тој посочува дека неговата земја зависела многу од производството на челик, сектор што е во криза од 70-тите години.

Пред европратениците на 12 ноември, Жан-Клод Јункер беше јасен: – Јас не сум архитект на системот за оданочување на Луксембург, но политички сум одговорен.

Даночната политика во ЕУ е под надлежност на земјите-членки, а не на Брисел.

Новиот претседател на ЕК, кој ја доби поддршката од мнозинството од европратениците на вчерашното гласање во Стразбур (461 европратеник гласаа против предлогот на крајната десница за недоверба), сега ветува дека неговата Комисија ќе предложи мерки кои одат во насока на хармонизација на даночната политика. Јункер притоа потсетува дека Комисијата ја поддржува таксата врз финансиските трансакции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top