Здружението на графички дизајнери „Плакарт“ од 5 до 20 декември ќе го организира седмиот фестивал „Скопје постер“, годинава под мотото „Дизајн за мир“. „Плакарт“ најави богата фестивалска програма предводена од врвни имиња од графичкиот дизајн.
– Со гордост најавуваме дека оваа година сме домаќини на Ива Бабаја, претседател на светската дизајнерска асоцијација „Икогарда“ (Icograda), и Давор Брукета, еден од најуспешните дизајнери во Југоисточна Европа, со 400 награди како признание за неговите генијални креативни проекти, Борут Вилд, еден од најинспиративните балкански дизајнери со повеќе од 100 меѓународни проекти, иницијатор на многубројни успешни регионални настани за дизајн – соопшти „Плакарт“.
Тие ќе бидат членови на жирито на фестивалот „Скопје постер“ и ќе ги селектираат идејните решенија на графички дизајнери, кои, како што информира „Плакарт“, на исклучителен начин ја искористиле својата креативност.
Жирито на 4 декември ќе направи претфинална селекција, а на 5 декември во Младинскиот културен центар ќе биде отворена изложбата со творби на финалистите и ќе бидат објавени победниците. Во рамки на фестивалот, на 6 декември „Плакарт“ ќе организира регионална конференција за дизајн „Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“.
Изложбата во МКЦ ќе може да се посети до 20 декември. „Скопје постер“ е поддржан од Министерството за култура и од Младинскиот културен центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.