| четврток, 6 декември 2018 |

Руски протест за рекламните табли во Црна Гора

bilbord_PG_banana_0_0_468X10000Амбасадата на Русија во Подгорица упати до Министерството за надворешни работи и европски интеграции нота поради рекламните табли со пораката „подобро банана в рака, отколку руска чизма на вратот“, кои неодамна се појавија во Подгорица, а Министерството одговори дека пораките ги смета за „апсолутно неприфатливи“.

На подгоричките булевари неодамна осамнаа рекламни паноа со овие пораки, со официјалното лого на НАТО, со наведени пропаднати руски инвестиции во Црна Гора и цитати на Милован Ѓилас дека Русија никогаш не била пријател на Црна Гора.

– Министерството за надворешни работи и европски интеграци на 19 ноември доби нота од Амбасадата на Русија во врска со плакатите, на кои се наоѓаат содржини од антируски карактер и барање за дополнителни информации – изјавија претставници на Министерството за црногорскиот весник „Вијести“.

Претставниците на Министерството изјавиле дека преку вообичаена дипломатска комуникација испратиле нота до руската амбасада и нагласиле дека пораките со вакви содржини ги сметаат за апсолутни неприфатливи.

Тие нагласиле дека таквите пораки на ниту еден начин не се одраз на вредностите и приоритетите на црногорската надворешна и внатрешна политика.

– Русија ја сметаме за пријателска и партнерска држава, со која сакаме да ги продолжиме традиционално добрите и квалитени односи – додадоа тие.

Инаку за поставувањето на билбордите во центарот на Подгорица и на булеварот „Свети Петар Цетињски“, сѐ уште никој не ја презел одговорноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top