Агенцијата на Обединети нации за палестински бегалци (УНРВА) прогласи вонредна состојба во Газа поради поплавите што го зафатија градот по неколкудневните поројни дождови.
– Стотици жители на поплавените подрачја во северниот дел на Газа, од населбата Шеик Радван, се евакуирани од своите домови – се наведува во соопштението.
Во Појасот Газа околу 100.000 Палестинци сѐ уште немаат покрив над глава, три месеци по прекинот на огнот со кој се стави крај на 50-дневниот крвав судир меѓу Израел и Хамас, а изградбата на нови домови сѐ уште не е почната.
Засега во областите во Газа зафатени од поплавите нема жртви, но ситуацијата е тешка поради што УНРВА почна со испорака на гориво за општините, медицинските установи и постројките за снабдување со вода.
Претставникот на УНРВА, Роберт Тарнер, изјави дека агенцијата е многу загрижена поради обилните врнежи на почетокот на сезоната, како и разурнувањата и штетите за време на неодамнешниот конфликт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


