| четврток, 6 декември 2018 |

Со што ги замени Русија забранетите производи?

replaced_food_468Русија може да го ограничи увозот на растителни производи од Швајцарија, за која постои сомнеж дека врши реекспорт. Од моментот на воведување ембарго на прехранбени производи од САД, ЕУ, Норвешка и Австралија, само од Швајцарија се увезени 400 пати повеќе јаболка, одошто за истиот период лани. Под сомнение паѓа и соседот на Русија – Белорусија. Но, реекспортот од оваа земја е речиси неуловлив, пишува Руска реч.

Со цел да се реши прашањето во однос на увозот од Швајцарија Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор веќе испрати барање до швајцарската страна за потврда за потеклото на зеленчукот и на овошјето што се извезуваат во Русија. Рокот за одговор е 5 декември.

 Неодамна беше соопштено дека под сомнеж за реекспорт на европски производи може да биде ставена забрана и за увоз на зеленчук и овошје од Албанија и од Македонија. Освен тоа, на 18 ноември веќе беше донесена мерка за ограничен увоз на месо од Црна Гора. Претходно, пак, поради реекспорт на европски земјоделски производи во Русија Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор го ограничи увозот на месо и на овошје од Молдавија, а исто така и на овошје и зеленчук од Украина.Неуловлив реекспорт

Белорусија, која е сосед на Русија, речиси еден месец по воведувањето забрана за увоз на млечни, месни и рибни производи, како и на овошје од Европската Унија, САД, Канада и Австралија нагло го зголеми обемот на своите нарачки кај далечните земји. Увозот на млечни производи се зголеми во однос на истите месеци од минатата година за 117 пати, додека на овошје и зеленчук за повеќе од двапати. Увозот на рибата, исто така, е значително зголемен.

Царинска контрола помеѓу Русија и Белорусија не постои. Стоката која доаѓа во Русија преку Белорусија, според правилата на Царинската унија (Русија, Белорусија, Казахстан – заб. ред.) може да биде царинета во која било од овие земји. Сега увозниците претпочитаат да вршат царина на територијата на Белорусија. Сепак Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор некако се обидува да ја контролира стоката. Оваа институција на 11 август отвори шест фитосанитарни пункта на влезот во Русија и врши проверка на пазарите за овошје и зеленчук и на базите за трговија на големо кои граничат со Белоруската област. Во текот на еден ден вработените вршат контрола на 50 камиони и забележуваат едно до две нарушувања, изјави за изданието „Ведомости“ Нина Анишченкова, заменик-начелник на одделението за карантинска фитосанитарна контрола на државната граница.

Ова е многу помалку одошто во август, веднаш по воведувањето санкции, забележува таа. Тогаш во Русија влегуваа производи кои воопшто немаа марка или се гледаше дека маркацијата не е вистинска. Искусните работници, кои десет години ја проверуваат стоката, на зеленчукот и на овошјето со етикета Made in Belarus препознавале холандска зелка и шпански сливи. Сега овошјето и зеленчукот минуваат со сертификат на оние земји кои претходно не беа големи извозници – Мароко, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, вели Анишченкова.

Но, неретко во овие документи инспекторите наоѓаат нарушувања, што покажува дека оние што ги издавале сертификатите воопшто не ја ни погледнале стоката. На пример, едно од последните нарушување беше камион со јаболка, кој дојде со сертификат за круши, вели Анишченкова.

Во бројки резултатите на проверките на Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор од 11 август до 12 ноември изгледаат вака: од проверени 90.000 тони 72% биле царинете или произведени во Белорусија – отприлика во ист процент. Царинетата стока, според документите, била произведена во земјите кои не се ставени под ембарго – Турција, Македонија, Албанија, Израел, Чили, Србија, Мароко, Босна и Херцеговина, па дури и ЈАР.

Од 5.660 партии нарушувања се забележани само кај 213. Во 80% од случаите проблемот се состоел во тоа што производите биле без фитосанитарни сертификати и маркација – главно компири, морков и цвекло. Во останатите случаи забранетите производи се обидувале да ги поминат како дозволени. На пример, молдавско и полско, унгарско, италијанско и шпанско овошје и зеленчук во фитостанитарните сертификати биле запишани како белоруски.

„Се гледа дека маркацијата е отстранета: гајбите се изгребани, но на нив останале парчиња од претходно залепените етикети на кои јасно може да се прочита ‘Шпанија’, ‘Полска’“, раскажува како изгледа еден типичен проблем со маркацијата началникот на управата за фитосанитарен надзор при Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор Александар Исаев.

Ако не ги изедеме, ќе ги преработиме 

Но, сепак поголемиот дел производи увезени во Белорусија, стануваат белоруски на не сосема законски начин. Во моментот на воведување на ембаргото на производи претседателот на Белорусија Александар Лукашенко ги повика локалните производители да го зголемат извозот во Русија. А, неговото производство треба да биде врз основа на поевтинетата европска суровина, уверен е Лукашенко.

Така, на пример, може да се објасни зголемениот увоз на европско млеко од Латвија, Полска и од Литванија, кое Белорусите го користат за производство на сирење и на млеко во прав.

„Нашите фабрики го зголемуваат увозот од Европа, се обидуваат да произведат колку што е можно повеќе сирење, за да ги задоволат потребите на Русија“, се согласува еден соработник на минскиот државен Институт за месна и млечна индустрија.

Според заменик-раководителот на територијалната управа на Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор Антонина Гарпенко, наскоро ќе се зголеми и увозот на месо: претходно белоруските фабрики воопшто не работеа со увезена суровина, а сега полека почнуваат да ја увезуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top