Пратеници од руската Дума предлагаат создавање список на странски организации, чии активности се непожелни на територија на Русија. Весникот „Известија“ денеска наведува дека законските предлози се подготвени од пратениците Александар Тарнавски и Антон Ишченко.
Предвидено е списокот да биде изработен од обвинителството заедно со министерствата за надворешни работи и правда на предлог на безбедносните служби. Предлогот предвидува од лица, поврзани со организирањето на дејноста на таква странска или меѓународна организација, да се бара административна одговорност, парична казна од 10 илјади до 100 илјади рубљи, а при повторно извршување на таков прекршок да се бара и кривична одговорност.
Според весникот „Известија“ Врховниот суд и Владата се согласиле со предлогот на пратениците.
Во објаснувањето на предлог законот се наведува дека е неопходно да се спречат предусловите за извршување од странските организации на територијата на Русија на дејствија што се закана за основните вредности на руската држава, наведува „Известија“.
Прогласувањето на активностите на таква организација за непожелни ќе води до блокирање на сметки и имот, забрана за правење поделби, за објавување информативен материјал, ограничување на влезот во Русија на лица што учествуваат во активностите на организацијата и ограничување на правото да се основаат руски нетрговски, јавни и религиозни организации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.