Во Стразбур заврши со работа Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија – Европска унија, кој значеше обновување на дијалогот меѓу двата парламента, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во заедничката декларација потпишана од копретседавчите Кенан Хасипи во името на македонското Собрание и Алојз Петрле во име на Европскиот парламент, се подвлекува важноста на меѓупарламентарните контакти и дискусии. Тие притоа го поздравуваат одржувањето на 12. по ред Мешовит парламентарен комитет, кој е во нов состав по изборите во Македонија и за новиот состав на Европскиот парламент.
– На состанокот имаше размена на мислења со вицепремиерот за европски интеграции на Република Македонија Фатмир Беси, Жан-Жак Паке, претставник на Европската комисија, Едуар Оер во името на Европската служба за надворешни акции и Иво Вајгл, известувач при ЕП за напредокот на Република Македонија – се вели во кратката изјава.
На состанокот стана збор за односите Европска uнија – Република Македонија, политичката ситуација во земјата по парламентраните избори во 2014 godina, владеењето на правото, реформите во судството и во јавната администрација, слободата на изразувањето и медиумите, добрососедските односи, економскиот и финансискиот развој на Македонија.
Двата копретседатели истакнуваат: „Мешовитиот парламентарен комитет ќе се стреми да даде вистински придонес во процесот на пристапување и укажуваат на тоа дека тие ќе се стави сите свои напори за подобрување на вкупниот политички контекст, како и за изнаоѓање на излез од сегашното тековно одложување на процесот на проширување.“
Копретседавачите на крајот од изјавата велат дека очекуваат Мешовитиот парламентарен комитет да работи во целосен состав и функционална со соодветна застапеност на сите парламентарни партии. Во таа смисла, тие ја охрабруваат владата и опозицијата да се осигураат дека политичката дебата се одвива во Парламентот, како предуслов за отворен и конструктивен дијалог и постигнување конкретни резултати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.