| четврток, 6 декември 2018 |

Средношколци на тригодишна стручна едукација во „Дрекслмаер“

132396100Резултатите на „Дрекслмаер“ во Македонија постигнати досега се фасцинантни. Компанијата гледа огромен потенцијал во своите вработени и планира да инвестира во нивно дообучување, оцени Барбара Гербер, раководител на Секторот за практична едукација во централата на „Дрекслмаер“. Од октомви 2015 година компанијата на 15 до 20 средношколци од Кавадарци ќе им понуди тригодишна стручна едукација за стекнување практично работно искуство. Според неа, освен високообразовани кадри, многу компании имаат потреба и од кадар со стручно образование на многу високо ниво.

– Презадоволни сме од тоа како функционира „Дрекслмаер“ во Македонија, но и од вработените. Во нив гледаме голем потенцијал за доедукација и дообразување. Од тие причини, одлучни сме да инвестираме во овој сегмент, изјави Гербер по тркалезната маса „Дуалниот систем на образование против невработеноста кај младите лица“. 

Системот што подразбира практична работа во фирми паралелно со тригодишното стручно школување, е веќе пракса во Германија. „Дрексл маер“ пред две години ваков систем воведе и во Романија. Системот функционира и во Кина, Молдавија, Тунис.

– Со овој систем во кој е вклучено повеќегодишно работно искуство во фирми и институции со истовремена посета на образовни установи, на идните кадри им дава можност уште за време на своето тригодишно стручно школување да стекнат практично искуство кое целосно ги подготвува за настап на пазарот на трудот, а воедно е и предност за компаниите кои вработуваат веќе остручени млади лица, посочи Мартин Кнап, директор на Германската стопанска комора во Македонија.

Реформите во средното стручно образование се дел и од агендата на македонската Влада.

– Ако овозможиме стекнување стручно образование, вклучувајќи практична работа додека трае школувањето, младите по завршувањето на училиштето многу полесно ќе продолжат онаму каде што биле активни или полесно ќе најдат работа, нагласи заменик министерот за образование на наука Спиро Ристовски. Германските искуства, додаде, се повеќе од добредојдени.

– Еден од клучните приоритети во образовнот систем е секако и реформата во средното образование како еден од трите столба утврдени со финансиската поддршка. Овој сегмент ќе го направиме доволно конкурентен за да се зголеми интересот кај учениците, а притоа и зголемување на можноста за вработување по завршувањето -подвлече Ристовски.

Последните анализи покажуваат дека за работа во кожарската и тестилната индустрија има најмал интерес. Овие сектори меѓу младите, за средно стручно образование, засега се најмалку атрактивни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top