Американскиот претседател Барак Обама решително и остро го осуди насилството во гратчето Фергусон коешто избувна на протестите во понеделникот по одлуката на големата порота да го ослободи од вината 28-годишниот бел полицаец Дарен Вилсон кој го застрела во август годинава десет години помладиот црн тинејџер Мајкл Браун, и предупреди дека тоа го одразува општиот проблем во САД дека законите во земјата секогаш не дејствуваат исто за сите.
-Палењето куќи, автомобили, уништувањето имот, ставањето луѓе во животна опасност, за тоа не постои оправдување, тоа се криминални дела. Немам никакво сочувство за оние коишто ја уништуваат својата сопствена заедница, изјави американскиот претседател Барак Обама, ноќта кон средата по македонско време, при неговата посетана на Чикаго, каде што исто така во понеделникот и вторникот имаше протести и немири по повод споменатата ослободителна пресуда за полициското убиство во Фергусон.
Во судирите во Фергусон имаше 14 ранети од кои двајца (еден е полицаец) ранети со огнострелно оружје, а 29 луѓе беа притворени. Покрај ограбувањето, демолирањето и палењето на продавници и автомобили, пријавени се и десетици заплени домови.
Незадоволството од улиците на Фергусон и Сент Луис, како и летово, се пренесе во понеделникот навечер во Њујорк, Чикаго, Сиетл, Лос Анџелес, Окленд и во Вашингтон пред Белата куќа, и покрај повиците на претседателот Обама и на семејството на убиениот тинејџер за мирни протести.
„Проблемот не постои само во Фергусон, тоа е сеамерикански проблем“, рече уште Обама во својот говор во Чикаго, пренесуваат медиумите. Американскиот претседател, исто така, истакна дека корените на емоциите, коишто надвладеале кај жителите на Фергусон, почиваат во фактот дека законот не секогаш подеднакво важи за сите граѓани. „Тоа е реалноста којашто во земјава постои во долго време“, додаде Обама.
Гувернерот на сојузната држава Мисури, каде што се наоѓа Фергусон, предградие на Сент Луис, Џеј Никсон, кој за трипати, на 2.200 војници го зголеми присуството на Националната гарда САД, соопшти дека тие луѓе ќе имаат и засилена улога и овластувања.
„Вкупно ќе има 2.200 припадници на гардата на тоа подрачје. Животот и материјалните добра мора да бидат заштитени. Таа заедница го заслужува мирот. Присутноста на Националната гарда во Фергусон ќе биде значително засилена, и луѓето ќе бидат подготвени да дејствуваат брзо за да спречат насилство“, рече гувернерот Никсон.
Градоначалникот на Фергусон, Џејмс Ноулес, претходно го критикуваше бавното доаѓање на Националната гарда во гратчето со 20 илјади жители од кои големо мнозинство се афроамериканци, оценувајќи дека многу продавници би биле спасени од уништувањето во текот на ноќта кон вторникот доколку било реагирано побрзо. „Одлуката да се одложи распоредувањето на Националната гарда е многу загрижувачка“, изјави Ноулес.
Засега не е донесена одлука каква ќе биде иднината на полицаецот Дарен Вилсон, откако големата порота во понеделникот по три месеца советување, сослушување стотици сведоци и прегледувајќи безброј материјали, снимки и фотографии од инцидентот, реши судски да не го процесуира. Вилсон е на платен одмор од 9-ти август кога го застрелал со шест куршуми црниот 18-годишен тинејџер Мајкл Браун, тврдејќи во сведочењето пред поротата дека бил нападнат од него во полициското возило и оти се чувствувал како „петгодишно дете во рацете на Хулк“. На одмор ќе остане додека не биде завршена и внатрешната истрага на полицијата. Американското правосудство, исто така, спроведува сојузна истрага, којашто е сосема независна од истрагата што ја водеше големата порота во Фергусон, за која се забележува дека девет од дванаесет нејзини членови се белци. Исто така, американските медиуми потсетуваат дека во полицијата во Фергусон до пред безредијата коишто избувнаа во август од 53 вработени дури 50 биле белци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Продолжија протестите ширум Бугарија, блокирани патишта и гранични премини
-
Судири меѓу полицијата и каталонски сепаратисти во Барселона: Има повредени и уапсени
-
Се судрија германски националисти и про-имигрантски групи во градот Хемниц: Девет лица се повредени
-
Се протестира во Молдавија за обединување со Романија