| четврток, 6 декември 2018 |

Поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за изградба на нов автопат Струга-Требеништа

avtopati-500-480x268

Изградбата на новиот автопат Струга-Требеништа, кој ќе претставува крак што ќе се поврзува со автопатот во градба Кичево Охрид, ќе го олесни протокот на сообраќајот и ќе придонесе  за поквалитетна туристичка понуда, оцени денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Новиот автопат Струга – Требеништа ќе се протега во должина од 8,5 километри. Ова автопатското решение предвидува изградба на нова делница со коловоз од по две ленти со широчина од 3,75 метри и по една застанувачка лента широка 2,5 метри во секој правец. Проектна брзина за движење на возилата ќе биде 120 (130) километри на час, рече денеска на прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуровска.

Изградбата на оваа делница на ниво на автопат, посочи Затуровска, значително ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај низ населените места особено во летниот период од годината, но и за исполнување на барањата и потребите на граѓаните од овој предел за зголемување на безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот во иднина. – Реализацијата на проектот за изградба на автопат од Струга до Требеништа значително ќе придонесе и за поквалитетна туристичка понуда, како и за поголема достапност на туристичките знаменитости кои што Република Македонија ги нуди во овој регион, рече Затуровска.

Охридско – струшкиот  регион, потсети, со проектите предвидени во патната инфраструктура ќе добие и автопатско решение, Кичево – Охрид, кој што веќе е во изградба, како и нов експресен пат од Охрид до Пештани за кои што исто така веќе се обезбедени средства. Освен во Охридско – струшкиот регион нови патишта ќе се градат и низ цела Македонија, како што се на пример, делницата Раец – Дреново дел од новопланираниот експресен пат Градско – Прилеп, нов експресен пат од Штип до Кочани, делницата Велес – Кадрифаково, започнатиот автопат Миладиновци – Штип како и многу други инфраструктурни решенија кои што ќе ја променат и осовременат патната мрежа во државата, рече Затуровска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top