| четврток, 6 декември 2018 |

Србите со нова мака – кражбите на идентитети се се позачестени

identity-theft-protection-tips

Кражбата на идентитет во Србија не е дефинирана како кривично дело, иако бројот на тие на кои им се украдени документи или на некој друг начин им се злоупотребени личните податоци, е се поголем.

Луѓето главно не се свесни каде се го даваат матичниот и бројот на личната карта но и бројот на банкарската картичка и не знаат речиси ништо за опасностите кои поради тоа ги демнат. А животот во само неколку минути може да им се претвори во пекол.

Комесарот за информации од јавно значење и заштита на податоците на лицата Родољуб Шабиќ укажува дека во неговиот кабинет луѓе пријавиле пет кражби на идентитет. Во МВР тврдат дека немаат вакви податоци, бидејќи Кривичниот закон не го смета тоа за кривично дело, а на слични состојби се применуваат закони кои се однесуваат на фалсификување на документи и измами. Лани, според податоците на Републичкиот завод за статистика, поднесени биле 1,256 пријави за фалсификување на документи, 364 за посебни случаи за фалсификување на документи и нешто повеќе од 2.600 за измами, но не се знае колку од тие за злоупотреба на туѓи податоци. За фалсификување и злоупотреба на платежни картички полицијата поднела 262 пријави.

Колку животот на некого поради кражба на податоци може преку ноќ да му стане пекол, најдобро знае браварот од Смедерево Јован Николиќ и Бечеецот Никола Вујков Исиќ. И на двајцата лани непознат двојник им ги злоупотребил личните документи, на нивно име отворил фирми, подигнал кредити, купувал стока и порачувал услуги. А потоа почнале да стигнуваат казни за царински и други прекршоци, чии вртоглави износи несреќните луѓе не можеле да ги платат.

Исто така и Ј. В. од Белград имал лошо искуство кога пред неколку години, ја изгубил торбичката со документи. Веднаш ја пријавил и добил нова, но по грешка на службеникот податокот не се нашол во централната полициска база. Бидејќи наоѓачот на документите почнал да се задолжува, отворајќи фирма и купувајќи се и сешто, а не плаќал ништо па ни данок, Ј. В. бил уапсен и божикните празници ги поминал во притвор, додека не се расчистила целата приказна. Најопасно е, предупредува Шабиќ, неконтролирано давање на ЕМБГ, т.е. единствениот матичен број. Врз основ на него било кој може да влезе во базата на податоци на граѓанинот во даночната управа или избирачкиот список и да го злоупотреби.

Затоа Шабиќ веќе четири години се залага тој број да се промени и да не се поврзува повеќе за непроменливите својства на лицето како датумот, местото на раѓање, полот. Многу земји токму поради тие широки можности за злоупотреба на непроменливоста на овој број, се откажаа од него, како на пример Хрватска, додека Португалија го забрани со Устав.

– Злоупотреба на личните податоци може да ви се случи и ако не ја изгубите личната карта и таа почнува кај нас да цвета – вели проф. Богољуб Милосављевиќ, од Правниот факултет при Универзитетот Унион. – Компјутерите и вмрежувањето овозможуваат податоците од секој од нас да се наоѓаат во неколку десетици бази, а тоа создава шанси за злоупотреба.

Се собираат податоци и без законско овластување на пример спортските клубови. Но, некогаш и законот дозволува непотребно земање на податоците. Централно прашање е како тие бази се заштитуваат. Повеќе истражувања покажаа дека многу ракувачи со податоците, како што ги нарекува тој, имаат многу слаба или дури и немаат никаква заштита.

Некои имаат заштита, но хакерите се повешти. Посебно се опасни упадите во големите електронски бази какви што имаат банките, системи кои се бават со трговија преку интернет, здравствените служби или фондот на ПИО. Над 300.000 институции ракуваат со личните податоци на граѓаните, а проценки се дека тие направија милион бази на податоци. Најмногу евиденција има МУП, Армијата, безбедносните служби, Царината, даночниците, судството, банките, фирмите, социјалните институции, општините, изборните комисии…

Сите кои ракуваат со лични податоци на граѓаните треба да ги пријават своите податоци во Централниот регистер, за да може повереникот да контролира кој и како обработува нечиј единствен матичен број, името и презимето, адресата… Меѓутоа, во централниот регистер се запишани само 317 ракувачи со лични податоци и околу 1.600 евиденции за збирките кои ги водат. Тоа не е ни 0,5 отсто од тоа што се очекува.

Целта на регистерот е не само да се евидентира секоја збирка, туку и на секого да се овозможи да дознае кој ги обработува податоците за лицата, во која цел и на кого се достапни тие податоци.

Инаку, кражбата на идентитет веќе со години, според Американската федерална комисија за трговија, е прва на листата за најголема измама.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top