Во последните денови од ноември нема да видиме ниту голем студ ниту снег во градовите. Според прогнозата на Метеопро, утре нѐ очекува сончево време со локална умерена облачност. Можна е појава на сосема тенок слој на магла по одделни котлини во северозападниот крај наутро, но истата ќе биде краткотрајна. Утрото ќе биде релативно студено, а на повеќе места ќе има слана. Минималната температура ќе има вредност околу -2°С низ котлините, освен јужно од демиркаписката клисура, каде што минималната ќе има вредност околу 2°С. Повисоките места очекуваат минимална температура околу -5°С. Дневниот температурен максимум во поголем дел од населените места ќе се движи во дијапазонот од 7°С до 10°С.
Среда ќе почне со слично време и со слична минимална температура како и вторник. Кон крајот на денот се очекува зголемување на облачноста.
Мал пораст на утринската (минимална) температура се очекува в четврток. Таа ќе има вредност само малку над 0°С низ котлините. На повисоките населени места и натаму таа ќе има негативна вредност, но само за 2°С до 3°С под нулата. Денот ќе помине во претежно облачно време, со услови за сосема слаб, повремен дожд. На повисоките планини ќе провејува сосема слаб снег.
В петок продолжува облачното, а локално и магливо време. Повторно оваа облачност ќе донесе услови за повремен и сосема слаб дожд. На планините и натаму повремено ќе провејува слаб снег. Минималната температура ќе биде позитивна, додека максималната ќе има вредност околу 9°С во поголем дел од котлините.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.