Премиерот Никола Груевски денеска ќе се обрати на 11. Виенски економски форум, „Визии и одговорности во време на промени“, каде ќе се дискутира за предностите, влијанието и перспективите на економската регионална соработка.
Воедно премиерот Груевски во Виена ќе присуствува и на состанокот на Централно-европската иницијатива, каде што ќе се изврши и чинот на официјално преземање на претседателството со иницијативата од страна на Република Македонија од досегашниот претседавач Република Австрија.
На состанокот и во обраќањата, според владината служба за информирање, Груевски ќе ги истакне приоритетите на македонското претседавање со ЦЕИ во текот на 2015 година, и календарот на активности кои се предвидени за реализација на приоритетите и целите. Двата настана, и Виенскиот економски форум, и состанокот на Централно-европската иницијатива, укажуваат, се значајни настани на кои ќе присуствуваат поголем број шефови на држави и влади од Европа.
Покрај македонскиот премиер, на настаните ќе учествуваат и сојузниот претседател на Република Австрија, Хајнц Фишер, австрискиот канцелар Вернер Фајман, италијанскиот премиер Матео Ренци, премиерот на Република Чешка Бохуслав Соботка, хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, албанскиот премиер Еди Рама, црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, премиерот на Република Босна и Херцеговина Вјекослав Беванда и поголем број други високи официјални лица на европски земји и мултилатерални организации.
На маргините на настаните се очекуваат и средби и разговори на премиерот Груевски со присутните колеги од другите земји. Премиерот Груевски ќе оствари и средба со претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти, на која ќе се дискутира за можностите, аспектите и деталите за соработка на поголем број тековни и идни проекти од взаемен интерес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии



