Русија веќе ја добила целокупната документација што ја бараше од македонската страна во врска со извозот на наши производи во таа земја. Овие документи сега ќе се проверуваат и врз база на нив ќе се утврдува дали можеби е правен реекспорт на производи од Европската унија преку македонски извозници, пишува Утрински весник.
На крајот на минатата недела, министерот за економија Беким Незири, соопшти дека Комисијата што беше задолжена од Владата да испита дали се точни руските сомнежи за реекспорт, веќе ги има прелиминарните резултати, но тие ќе бидат соопштени откако прво ќе бидат разгледани на владина седница.
Од Руската Федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор велат дека веќе имале состанок со претставници на Амбасадата на Македонија во Москва, како и дека потоа ќе излезат со официјални информации за извозот на македонски производи.
Ако се утврди дека Македонија навистина извезувала производи од Европската унија како свои, Русија може да го блокира комплетниот увоз од Македонија, изјавиле дел од руските новинари.
Неофицијално биле спорни неколку пратки на компири, јаболка и пратки на грозје. Алармот дека можеби преку Македонија во Русија се внесува стока од ЕУ руските служби го вклучиле кога увозот од нашата земја бил зголемен за околу 20 отсто во споредба со минатата година.
Инаку, Москва воведе ембарго за прехранбените производи од ЕУ како одговор на американските и европските санкции кон Русија поради кризата во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


