| четврток, 6 декември 2018 |

Нови 860 места за згрижување на дечиња во 20 градинки

Нови 860 места за згрижување на дечиња од предучилишна возраст ќе се добијат со отворањето на 20-те нови градинки кои ќе почнат со работа до крајот на годинава во повеќе места во земјава.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска информира дека шест од нив со опфат од 260 места веќе работат, пет со капацитет од 210 места се завршени и ќе треба да се отворат најдоцна до првата половина на декември, пет со капацитет од 290 места се во интензивна изградба и се очекува да бидат готови до крајот на годината или почетокот на идната година, а три градинки ќе треба да бидат готови за 120 до 150 денови.

– Од средината на годината, по носењето на Програмата за работа на Владата, започнати и завршени се 20 градинки што претставува исполнување на половина од планираното за следните четири години. Тоа е добра норма што се исполнува. Интензивно се работи од страна на поголем број на институции и има придвижувања и резултати, оцени Ѓорѓиев.

Вкупната инвестиција за изградба на овие градинки изнесува 55 милиони денари од кои 40 милиони денари се обезбедени од страна на Буџетот на Република Македонија.

– Со изградбата на овие градинки ќе се придонесе за социјалната политика, а дополнителен социјален придонес е тоа што во добар дел од местата каде се изградени градинките немаше никакви капацитети за згрижување на децата поради што родителите беа приморани да поминуваат и по пет до десет километри за да ги однесат децата во градинка. На овој начин тие заштедуваат и време и трошоци, истакна Ѓорѓиев.

Најави дека Владата ќе продолжи со изградбата на капацитети за згрижување на дечиња од предучилишна возраст.

Согласно програмата на Владата во претстојниот четиригодишен период планирано е да бидат изградени 40 нови градинки со цел да се зголеми опфатот на дечиња од предучилишна возраст. Дел од нив ќе се градат од темел, дел ќе се прошируваат, а дел ќе бидат отворени со пренамена на веќе постоечки објекти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top