Однадвор, жените во Норвешка изгледаат совршени. Според извештаите на ОН, норвешките жени имаат најдобар животен стандард во светот, со бесплатно школување, платено породилно отсуство една година, либерална политика за породилно отсуство на татковците, градинки финансирани од државни пари за сите семејства и со грижа на децата која секој може да си ја дозволи.
Сето тоа совршенство не е во состојба да ја разреши културната пречка која свртува од женскиот пат во светот. Гледајте, без оглед на сите закони кои ги поддржуваат жените и семејствата дома и на работа, Норвежанките се само три отсто на позицијата директор на некоја компанија во државата. Зошто? Се соочуваат со поинаков стаклен покрив кој можеби ќе ви звучи познато: преголем број на жени се стремат кон совршенство наместо кон успех и сметаат дека совршенството е неопходно за да успеат на деловната скала.
За да го зголемиме бројот на директорките на компаниите во Норвешка и на други места во светот, треба да го прекинеме кругот на верувањето дека недостигот на порази е исто што и успех. Ако ја тргнеме настрана позитивната државна политика и времето кое е потребно да се промени доминантно машката култура во компаниите и традиционалните семејни релации (бидејќи за тоа се потребни децении), ни остануваат перфекционизмот и нашата тесна и нездрава дефиниција за успешен живот. Тоа во напредокот ги спречува многу жени.
Таа опсесија по совршенството (погледнете го само новиот број на некое одлично списание или телевизиските реклами кои прикажуваат успешна деловна жена која жонглира меѓу децата, домот, модата и пријателствата) делумно е причина зошто амбициите на многу жени завршуваат на средно ниво во администрацијата, нивните аспирации се кршат пред стаклен ѕид. Синтагмата која ја воведоа две вработени во Хјулит-Пакард, Катерија Лоренс и Мариане Шребер, стаклен ѕид, може да се дефинира како бариера меѓу средните раководни позиции и високите раководни позиции, период кој е многу напорен за секој директор. Средната администрација е период на големи одговорности кон персоналот и буџетот, ограниченост во донесување на сопствени одлуки и малку прилики за каква било помош. Исто така се совпаѓа со онаа фаза во животот во која сакате да имате деца и да изградите дом и семејство. Како еден од најпоучните и најстресните периоди во директорската кариера, оваа фаза ви помага при напредокот на следната скала.
Само никогаш да не доживеете неуспех, а во исто време да создадете совршен дом и семеен живот, зарем не? Погрешно. Да се обидувате да остварите совршен ефект не е гаранција за успех, бидејќи се претпоставува дека секој неуспех е бариера во продолжетокот на кариерата.
Всушност, може да се гарантира лудило. Тоа е стаклениот ѕид за Норвежанките, сепак жените во светот се соочуваат не со еден туку со повеќе стаклени ѕидови. Еден од нив го создаваат самите, интерпретирајќи го несовршенството како дисквалификација за директорска позиција, а вториот е изграден на лошите политики во корелацијата работа-семејство, или недостиг на политика воопшто.
Ако сте конкурент за директорска позиција (и запомнете дека тоа е ваша лична одлука) ви гарантираме дека ќе наидете на пораз и опозиција на вашиот пат. Да се поттикнат жените да го сфатат тоа е клуч за исполнување на највисоките позиции: тоа го префрлува фокусот од неуспехот и успехот на размислувањето за создавање на промени на таа позиција.
Многу жени во Норвешка и во светот го разбираат тоа, но недоволен број од нив. Како ЦЕО на Innovation Norway, т.е. инструмент на норвешката влада за развој на новата индустрија и производство, можам да ви кажам дека тоа занимање не е за секого, било да се работи за маж или жена. И тоа е во ред, ако е тоа твоја одлука. Да се трпи долго работно време, создавање на строги приоритети, фокусирање на создавање на промени, наместо опсесивно да размислувам за замислените грешки е секојдневен предизвик.
Тоа е исто така многу ризично. На пример, процентот на вработени мажи и жени речиси е еднаков во Норвешка. Но, се уште имаме прилично поделен пазар на работни места кон полот: мажите управуваат со 70 отсто старт-апови. Фактот дека 48 отсто жени и само 19 отсто мажи се вработени во државниот сектор исто така може да укажува на тоа дека жените се посклони на сигурност отколку на одење во приватен сектор кој е чувствителен на намалување на трошоците, откази и конкуренција. Исто така, 34 отсто вработени Норвежанки работат половина работно време.
Не можеме да го избегнеме фактот дека Норвежаните и понатаму ги следат традиционалните семејни релации, каде жените се тие кои го вршат најголемиот дел од домашната работа. Работат т.н. втора смена. Нашата многу ценета политика за флексибилно работно време не дава подобри резултати за мажите. Многу мажи директори се поттикнуваат на раст и ризик, многу жени директорки на фирми се среќни што можат да заработуваат за живот. Со другите зборови, далеку се од неуспехот и се приближуваат кон сектори каде можат да го остварат тоа секогаш недостапно совршенство. Тоа на сите ни штети.
Како што претседателката на New America, Ен Мари Слаутер напиша во 2012 година: Жените и понатаму не можат да имаат се.
Моето прашање е: Кој одлучува за тоа дека жените и понатаму не можат да имаат се и што воопшто значи се? Не знам дали имам се, но имам многу нешта. Навистина имам повеќе од доволно. Здрава сум, имам три ќерки и маж со кариера, пишувам блогови, а оваа година објавив книга. Кога луѓето ќе ме прашаат како успевам се да направам, им ја кажувам мојата тајна: јас одлучувам за тоа што за мене значи доволно добро.
Тоа е нешто што го научив од најдрагата изјава на мојот татко: Доволно добро е за гадови.
Ме поттикна сама да одлучувам што е за мене доволно добро. Со други зборови, ако не се грижиш за себе, ако не поставиш сопствени стандарди, ако не одлучиш кога е доволно добро, ќе имаш ограничен успех. Од него научив дека животот не е стремење кон совршенство.
Одлучив да ги комбинирам семејството и кариерата и одбивам да си наметнувам вина дека не сум доволно добра во една од тие улоги. Не сум совршена. Далеку од тоа. Правам и грешки на работа. Не вежбам. Немам совршен дом. Моите три ќерки се независни и самите донесуваат одлуки.
Многу работи се одлучувам да не ги направам и да не ги контролирам. Но, добро управувам со нашите животи и тоа е повеќе од доволно за мене. На некој начин тоа е совршено.
Атлантик – Вашингтон
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.