– Имаме богат и привлечен јазик, каков што многу народи на светот посакуваат да имаат. Јазикот не е создаден затоа што некој побарал да биде создаден, туку дека тој е објективна ситуација и култура што ја создаваа Македонците низ векови. Тоа што граматичарите само го констатираат – велеше Кепески.
Кепески е автор на првата македонска граматика, која овозможува основно зацврстување на македонската литературнојазична норма во свеста на македонските родени зборувачи и соодветно преточување на граматичката материја во наставната практика. Првата македонска граматика Кепески ја објавил на 26.1.1946 година. Граматиката по својот карактер била општа, но и одобрена како учебник во средните училишта, а наменета и за администрацијаaта и за пошироката популација. Таа има огромно значење за развојот на македонскиот стандарден јазик.
– Со првата македонска граматика тој станува основоположник на граматичарската дејност во Република Македонија и најплоден автор со педесетината изданија на граматики на македонскиот јазик наменети за образованието. Објавува многубројни статии и прави анализи за македонскиот јазик, ја создава терминологија во многубројни научни области, врши преводи, собира народно творештво, покрај својата видна педагошка и културна дејност. И целосно се посветува на подигнување на јавниот углед на нашиот јазик и на говорната култура на поединците, со што се заложува да се достигне убавината на чистиот македонски збор како израз на нашата духовност. Затоа што, како што ќе рече, секоја нација држи до своето, до чистината на јазикот, а притоа никој не може да биде изоставен од грижата и од обврската за тоа – вели неговата ќерка Јованка Кепеска.
Неодамна беше објавена и книга со досега непубликувани трудови на авторот на првата граматика на македонскиот јазик, со наслов: „Статии и анализи за македонскиот јазик“. Книгата содржи статии, говори, предавања и разработени јазични прашања, што се однесуваат на општите согледувања на развојот на македонскиот јазик и за одделни јазични прашања; на методиката на наставата за македонски јазик; и на лексиката на македонскиот јазик.
– Овие трудови на Кепески се исклучително значајни од лингвистички и од културолошки аспект поради фактот што тој е авторот на првата македонска граматика, основоположник на граматичарската дејност во Република Македонија и најплоден автор со педесетина изданија на граматики на македонскиот јазик наменети за образованието. Трудовите на Круме Кепески го одбележуваат и развојниот пат на македонскиот литературен јазик – велат од Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје.
Автор на предговорот на ова дело е проф. д-р Димитар Пандев, кој мошне детално се осврнува на творештвото на Кепески.
– Круме Кепески е македонски лингвист, кој со филолошка и, во тој контекст, со лингвистичка наобразба се здобил уште пред официјалната кодификација на македонскиот јазик, кога и ја почнал својата културна дејност во прилог на осмислување на македонистиката во рамките на славистиката, и активно продолжил да се занимава со неа во првите децении од стандардизацијата на македонскиот јазик, кога несебично се вклучил во практичната примена на литературнојазичната норма на македонскиот јазик, т.е. на усовршување на нормата и на научна елаборација на македонскиот јазик – вели Пандев.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 115. број на неделникот „Република“, 14.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во скопската ЗОО таблите за опис на животните на македонски и на албански јазик
-
Коѕијас до Мицотакис: „Македонскиот јазик“ официјално го предаде Нова демократија во 1977
-
Мицотакис: Не прифаќаме македонска националност и македонски јазик
-
Груевска-Маџоска: Македонскиот јазик не се споменува ниту еднаш во Стратегијата на Министерството за култура за 2018-2020