Вештината за ловење со грабливи птици датира од пред неколку милениуми. На територијата на Македонија соколарството се среќава уште од најдалечното минато кога ловот со птици-грабливки бил аристократска забава, а тренираните соколи биле ценети како скапоцен подарок од значителна вредност и често се користеле во дипломатски цели. УНЕСКО го прогласи 16 ноември за Светски ден на соколарството бидејќи од неодамна вештината е заштитена од УНЕСКО како нематеријално духовно богатство. По тој повод разговаравме со Огнен Поленак, кој е основач на соколарското друштво „Јарак“, чија цел е да ги заштити птиците грабливки во природата, да ги заштити нивните гнезда, прихрана на птиците-грабливки, да спроведе надзор, а успеал да ја зачлени Македонија под уставното име во Интернационалната асоцијација за соколарство (ИАФ).
Тој сега се подготвува за соколарскиот фестивал во Абу Даби, кој ќе се одржи на 5 декември во Обединетите Арапски Емирати. На тој фестивал ќе учествуваат претставници од целиот свет, кои ќе престојуваат четири дена во пустина, во која ќе допатуваат со џипови и на камили за да уживаат во традиционалното соколарство. Таму Огнен Поленак ќе го развиори македонското знаме по трет пат.
За својата љубов кон соколарството и како воопшто дошол до контакт со овој вид птици, Огнен вели:
– Љубовта кон природата и животните, особено птиците и рибите, е дел од мојот живот, моето школување, струка, долгогодишна пасија, хоби, а сега и професија. Од најрана возраст пројавував посебен интерес во биологијата. Воопшто, птиците од секогаш сум ги сакал, често сум ги гледал грабливките во природата, но никогаш ниту сум видел ниту сум можел некого да прашам за нив. Првата книга за соколарство успеав да ја најдам во 1994 година, во училишна библиотека во средно училиште во САД, држава Орегон. Тоа беше првиот мој контакт со нешто што подоцна ќе стане сериозен дел од мојот живот. По кратка пауза од мојата прва средба со соколарството, кое до тогаш беше само пуста желба и нешто за што реално не можеше многу да се научи само од книгите, успевам да запознаам едно соколарско семејство од Рим, Италија. Таму на гости кај Гијанкарло и Паола Пирота во 1999 година првпат видов што значи да си соколар, како се чуваат птиците и многу други работи. Од тогаш до денес интензитетот со кој работам на соколарството е подеднаков. Сретнав многу прекрасни луѓе од целиот свет и запознав многу пријатели со кои го споделуваме овој наш начин на живот – ни раскажа Огнен.
Постојат повеќе грабливи птици. Огнен одгледува одредени соколи.
– Јас одгледувам сиви соколи – Falco peregrines. Сивиот сокол е најбрзиот жител на нашата планета, развива брзини над 340 километри на час, при вертикален пад од небото. Негова храна се птици со големина од сколовранец до дива патка или фазан. Мажјаците се помалечки од женките како и кај останатите птици-грабливки – вели тој.
Гледано од страна, изгледа тешко да се одгледува овој вид птица кај нас. Најверојатно, бара некакви посебни услови, а потребни се и соодветни алати…
– Одгледувањето на оваа птица е подеднакво тешко каде и да се наоѓате, не само кај нас. Во принцип, ова не е птица која може да се чува како миленик. Затоа и најчесто малкутемина што ги одгледуваат се соколари. Имајќи предвид дека сакаме постојано да лета, основен трошок е транспортот до соодветно место со соодветен дивеч за грабливката, каде што треба да лета и да лови. Тоа подразбира најмалку 3-4 пати неделно, во просек по три часа дневно. Соколарот се грижи за својата птица 365 дена во годината, за разлика од ловците кои на крајот од ловната сезона можат да ги положат своите пушки до следната сезона. Соколите се хранат со месо што подразбира дека ќе треба да имате редовен извор на здрава и соодветна храна (препелици, гулаби, пилиња, стаорци, сколовранци). Соколарството, воедно, е речиси невозможно без добро ловечко куче, што значи ќе треба и пес. Потребни се познавања за биологијата на птицата која ја чувате, нејзините потреби и навики, треба да знаете да ги читате сигналите кои ви ги дава птицата, лекарства кои би можеле да помогнат во дадени ситуации. Потребно е огромно трпение и не секој може да се занимава со соколарство. Потребни се огромни одрекувања за да се постигнат успеси во оваа уметност во ловот. Во периодот на митарењето, птиците се ослободуваат во големи птичарници, каде што одмораат преку летото и ги менуваат пердувите, во очекување на следната сезона. Сам ги размножувам соколите уште од 2009 година. А, првите соколи се увезени во 2006 година како подарок од Австриската соколарска асоцијација. Делумно се учи како се изработува соколарската опрема при стажирање, оние делови од опремата што се неизменети околу 4000 години се соколарската капа, ракавица, каиши, ѕвонче и мамка. Оние технолошки напредни уреди, како радиотрансмитери или ГПС локатори за пронаоѓање загубени птици, ги набавуваме од странство – ни објасни Огнен.
За да се тренира сокол, треба обука и трпеливост…
– Патував по светот за да научам. Соколарев во Аризона и во Колорадо, Америка, во Португалија, Италија, во пустините на Дубаи. Во Обединетите Арапски Емирати работев кај еден шеик на фарма за вештачко осеменување и размножување соколи. Учам и ги спојувам убавите методи од целиот свет, каде и да налетам на нив, сѐ уште учам. За мене е непресушен извор на инспирација и предизвик. Понекогаш и загуби затоа што кога редовно летате некој сокол, секое негово ослободување е ризик да го загубите. Тие што никогаш не ги летаат своите птици, немаат ризик од нивно губење, но тоа веќе не е соколарство.
Најубавиот момент е кога ќе видите како соколот граби кон височините на небото како да владее со него. Дали ќе биде успешен во ловот е помалку битно. Такви сме ние соколарите, сакаме да уживаме во долги прошетки со своите кучиња и убав лет на своите соколи. Некаква реинкарнација, некакво посебно чувство на слобода, а сепак многу сериозни моменти на опстанок се случуваат пред вашите очи – раскажува Огнен.
Бидејќи станува збор за грабливка, го прашавме дали имало случаи да го нападне некогаш и дали воопшто постојат такви примери?
– Прашањето е логично, но тоа што тие ја грабаат својата храна за да преживеат не значи дека би нѐ грабале нас, луѓето. Се разбира, во знак на одбрана може да бидат многу опасни. Но, затоа не секој треба да се обиде да ги фаќа. Има случаи во кои човек е повреден од грабливка, но сакам да напоменам дека тоа е само поради незнаењето на човекот како се работи со грабливка. Во такви ситуации најчесто сме виновни ние, луѓето. Но, кој знае да ја процени ситуацијата, а некој друг ќе ја обвини грабливката и сета одговорност ќе ја симне од себе – вели Огнен.
(Пишува: Невена Поповска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 115. број на неделникот „Република“, 14.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст