| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка од премиерот Груевски по повод Денот на албанската азбука

gruevski

Премиерот Никола Груевски денеска  упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

– Унифицирањето и создавањето модерна азбука претставува значаен чекор кон писмениот и културен развој. Тоа е и клучот за развој и раст во сите процеси, културни, економски, политички и општествени. Денешниот празник е значаен ден за сите припадници на албанската етничка заедница во Република Македонија, но и неговото одбележување е значајно за развој на мултиетничноста и за негувањето на таквите вредности – вели македонскиот премиер во честитката.

Во неа тој додава дека преку нивното празнување ја негуваме толеранцијата, го валоризираме меѓусебното почитување кое како држава ни е значајно, а, како што потенцира, споделувајќи ги особеностите на заедниците ние создаваме модел кој треба да биде пример, како по својата уникатност така и по неговите карактеристики на заеднички соживот, почит и традиција на меѓусебно разбирање.

– Таквите вредности треба да се длабоко вкоренети меѓу граѓаните и нераскинлив дел од постоењето на Република Македонија. И затоа, каква иднина ќе градиме зависи од тоа како ќе се однесуваме кон овие прашања. Тоа се заеднички вредности кои треба да се предност на нашето општество и стимул со заеднички сили да продолжиме да работиме за доброто на нашата држава, да продолжиме со напорите за обезбедување услови за раст и развој и унапредување на стандардот на граѓаните – вели премиерот Груевски во честитката до припадниците на албанската заедница.

Обединувањето кон овие важни теми дава дополнителна енергија и сум убеден, вели Груевски, дека само така можеме да постигнеме многу повеќе за нашата заедничка држава Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top