| четврток, 6 декември 2018 |

Да се спречи пред да биде доцна за да се лечи

Има ли начин за да се дејствува превентивно? Како можат да се заштитат жртвите? Имаат ли одговорност надлежните доколку не презеле навремено мерки за да ги заштитат?

Се случуваше уште во почетокот, само јас не бев свесна, бев млада, со мали деца, со обврски. Секогаш требаше да биде по негово, секогаш да се направи како тој што ќе каже затоа што јас сум била глупава и не сум знаела ништо. Не дај боже да подигнев глас или да му речев не е точно, тој веднаш ќе ме удреше. Затоа што го разбудил некој на телефон, не знам кој беше, се развика по мене. Влегов во ходникот, правев зимница со роднини. Тој ме фати во ходникот и силно ме удри. Падна, беше пијан. Тоа беше страшно. Јас само викав: „Немој, немој, роднините гледаат! Немој, зошто ме удираш?!“ Сѐ ме болеше. И навредите негови и ударите. Со клоци некој да те мава по стомак или по гради и по глава, да те фати за коса и да ти ја удира главата од ѕид … болките се јасни. Постојано се испитував, дури и него го оправдував. Ајде, млад е, па може му пречи тоа што сум го направила. Не знам што повеќе ме болеше – дали неговите навреди или ударите. Ми се собра сѐ и, едноставно, верувајте ми, едно утро кога тој отиде в град собрав сѐ, ги зедов торбите и излегов од куќата.

Ова е приказната на 56-годишната А.Б., жртва на семејно насилство. Таа е клиентка во Центарот за правна помош од Скопје. Таа советува за да не се повторува нејзината грешка. Времето нема да донесе некоја промена, промените во животот треба да ги направиме самите, и тоа веднаш. Иако навидум приказните потсетуваат на сцена од хорор-филм, тоа се реални случки од секојдневието. 58-годишната Н.Г., по 16 години трпење насилство, побарала помош откако малку недостигало да заврши и нејзиниот живот, но и животот на нејзиното дете.

– Почна во пет изутрина. Стана и го бркаше детето да си оди. Јас му реков: Ако си оди моето дете, си одам и јас, па еве ти куќа и живеј. А тој го зел ножот без да го видам и го скрил зад себе. Мислев дека, како и друг пат, само ќе ме удри. Но, кога го видов дека со ножот сака да ме погоди директно в срце, се настранив и место в срце ме погоди во стомак. Почнав да крвавам, ја затвори вратата и не ме пушташе за да искрвавам до смрт. Го фати и детето за рака, го вртеше ножот за да го прободе и детето – раскажува таа.

 

Во 2014 година (јануари – септември), бројот на новоевидентирани случаи на семејно насилство изнесува 694 лица од кои:

Жени: 72,9 проценти
Деца: 13,9 проценти
Мажи: 13,1 проценти

 

Доминацијата на мажот не смее да владее

Последниот случај во Кавадарци, кога маж ги уби родителите и сестрата на својата сопруга со која биле во процедура на развод, е само повод повторно да се отвори оваа тема. Има ли начин да се дејствува превентивно? Како можат да се заштитат жртвите? Имаат ли одговорност надлежните доколку навремено не презеле мерки за да ги заштитат?

Семејството на убиените се жалеше дека долго време трпеле тортура од зетот, но никој не реагирал. Стравот од срамот што ќе го доживеат доколку се дознае дека трпат семејно насилство е некогаш поголем од болката што се трпи. „Ќе бидам осудена од народот што го напуштам мажот“, е честа реченица на жртвите на семејно насилство. Од друга страна, пак, има и луѓе што се жалат дека не добиле соодветен третман.

Службените лица имаат одговорност, барем законска, доколку навремено не постапат во случај на семејно насилство. Од Министерството за труд и за социјална политика велат дека службените и одговорни лица имаат одговорност за должно постапување по секое сознание за сторено семејно насилство, при што постапките се водат итно.

Притоа се нагласува потребата од координирање и соработка меѓу сите соодветни институции и здруженија на граѓани. Предвидена е обврска за сите соодветни институции меѓусебно да се известуваат и да ја разменуваат службената документација за конкретните предмети.

Македонија е свесна за проблемот со кој се соочува, за големиот број жртви на семејно насилство. Табу-темата полека излегува од сенка. Од Министерството за труд и за социјална политика велат дека се направени повеќе измени на законите за да се излезе од тој простор на историската прифатеност на семејното насилство. Се менува општествената улога на мажите и на жените, на приватноста и на семејството, законодавството и правниот систем, правилата за преовладувачкото машко/женско однесување… Токму тоа непишано правило за доминацијата на мажот, кое владее кај нас, балканското: „Да се знае кој е маж во куќа“, придонесува во односот на мажот кон жената, надмоќта и неговото право, кое сам си го зел, да крене рака врз жената. Од првиот семеен центар посочуваат дека постарите генерации, повозрасни од 50 години, се тие што се плашат и што се срамат да пријават семејно насилство. Жените на возраст од 30 до 35 години што трпат психолошко насилство или ако имало физички контакт, побрзо реагираат и пријавуваат в полиција.

– Со цел да се намали семејното насилство и да се подобри квалитетот на заштита, се подготвува и нов закон за превенција, спречување и за заштита од семејно насилство. Се утврдува како право на жртвата да ѝ се обезбеди соодветна помош, поддршка и заштита од страна на соодветните институции и здруженија. Во оваа насока, како новина се предвидува изработување безбедносен план за помош од страна на повеќесекторски стручен тим. Законот нуди заштита на личниот интегритет на жртвата преку забрана за изнесување факти и податоци, кои можат да го загрозат личниот интегритет и достоинство на лицето што е жртва на семејно насилство – велат од ресорното министерство.

 

Tema115-2

 

Нови мерки против насилството

Дел од луѓето се жалат дека и кога ќе пријават случај, не се добро советувани и случајот се заведува како нарушување на јавен ред и мир. Се прави обид да се надмине ова. Сега полицискиот службеник ќе биде должен да интервенира и да изработи полициски извештај веднаш, најдоцна во рок од 12 часа, и жртвата веднаш да добие соодветна здравствена заштита. Полицаецот изработува предлог до судот за изрекување привремена мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот.

Привремените мерки за заштита ги изрекува надлежниот основен суд во граѓанска постапка. Дадени се овластувања судот да донесува одлуки без одржување рочиште, како и во отсуство на сторителот на семејното насилство. Во принцип, досегашното искуство покажува дека жртвата се плаши да зборува за тортурата пред тој од кого трпела малтретирање. Сега во рок од 24 часа по приемот на предлогот од полицискиот службеник и полицискиот извештај, судот треба да донесе одлука за изрекување привремена мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот во траење од најмалку 10 дена, а најмногу до 30 дена. Судот по брза постапка ќе донесе постапка и за изрекување привремена мерка за заштита на предлог на жртвата или на центарот за социјална работа.

 

(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 115. број на неделникот „Република“, 14.11.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top