– Ми се чини дека Владимир Путин почнува да се разболува од истата болест од која страдав и јас некогаш – претерана самоувереност. И не е важно што другите велат, тој веќе е Бог или барем заменик на Бога, не знам по кои прашања.
Тоа го изјави првиот и последен претседател на СССР, Михаил Горбачов при претставувањето на книгата „После Кремљ“ во Москва.
Тој споделил со присутните дека не се сретнал со Путин веќе година и половина, бидејќи немало кога и истакнал дека претседателот треба да ги слуша и критиките, тоа е поважно отколку подлизурковците кои го лижат од пети до едно одредено место.
Експретседателот, истакнал дека Владимир Путин направил многу за обновата на Русија по Елцин и дека луѓето почнале подобро да живеат во негово време. Но ако стане тешко да се управува, еден лидер не смее да се плаши и да се повлече, додаде тој. Горбачов уште коментирал дека силна држава не се гради со сила.
– Силната држава е демократска држава, рекол тој. Според него една силна држава не може со полиција да ги растерува опозициските митинзи, а ако дејствува така, тоа е знак на немоќ.
Во книгата тој раскажува за борбата за власт во Москва, која довела до распадот на СССР. Горбачов објаснил дека погрешно е обвинет за исчезнувањето на СССР, бидејќи всушност се борел за него и своевремено има подготвено нов сојузен договор меѓу вклучените републики.
Еден од присутните го прашал што треба да се стори за да се обнови СССР.
– Да се работи, работи и пак да се работи, возвратил во ленинистички стил Горбачов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




