Непоседувањето зимски гуми не е клучен аргумент за непокривање на осигурувањето во случај на штета, едногласни се и од Триглав и од Винер Осигурување, по објавата на информацијата дека доколку возилото не поседува зимски гуми, евентуалната штета нема да биде покриена од страна на осигурителната компанија.
-Кај задолжителното осигурување од автомобилска одговорност, за штети причинети на трети лица, воопшто не може да стане збор за исклучување на обврската на осигурителните компании за надомест на штети, предизвикани од нивните осигуреници, во случаи кога причина за настанување на штетата е непочитувањето на законската обврска за поседување на зимска опрема, којашто кај осигурителните компании е регулирана со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Кај доброволното осигурување на моторни возила-каско во Триглав Осигурување не е воспоставена пракса за исклучување на обврската на осигурителната компанија за надомест на штета, настаната поради непочитување на законската одредба за задолжителна зимска опрема во перидот од 15 ноември до 15 март, иако во интерните Услови, коишто се составен дел од доброволното договорно уредување на овој вид на осигурување е предвидена таква можност, доколку штетата настанала како последица на непридржување кон одредбите за технички и заштитни мерки, каде секако би потпаднало и непочитувањето на законската обврска за задолжителна зимска опрема во дадениот временски период. Каско осигурувањето на моторни возила е доброволно осигурување, коешто секоја осигурителна компанија договорно го уредува со своите осигуреници- велат за Република од Триглав осигурување.
Заштитнички однос кон корисниците имаат и во Винер Осигурување.
– Винер Осигурување во секоја ситуација се труди да извлече максимум за своите клиенти и интенцијата е во секоја ситуација кога нашиот клиент е оштетен, да се дојде до оштетна сума која целосно ќе соодветствува на настанатата штета. Од тој аспект можеме да кажеме дека непоседувањето зимски гуми не е клучен аргумент по кој би посегнале во случај на штета на наш клиент. За тоа зборува и фактот што Винер е компанија со убедливо најмал број на нерешени штети и компанија која исплаќа 30 отсто повеќе по штета од пазарниот просек – изјавија од Винер осигурување за Република.
Законот вели дека во периодот од 15ти ноември до 15ти март, кога коловозите се покриени со снег и лед, користењето на зимски пневматици со дебелина на шарата не помала од 4мм е задолжително. Многумина најчесто од финансиски причини се одлучуваат да заштедат и да ја „протуркаат” зимата со летните пневматици. Во контекст на ова се наметнаа неколку дилеми: Дали поради користењето на летни пневматици зимно време може да се останеме без каско осигурување? Ако во снежни услови направиме сообраќајна незгода со летни пневматици, дали осигурителната компанија може од нас да ја наплати штетата која ја исплатила на сопственикот на оштетеното возило? Дали автомобилот кој користи летни пневматици во зимски услови може да се смета за технички неисправен?
Според некои анализи голем дел од возачите се свесни дека го кршат законот со тоа што зимно време возат со летни пневматици, меѓутоа малкумина од нив знаат што се случува доколку причинат или на било кој начин учествуваат во сообраќајна незгода, а притоа немаат задолжителни зимски пневматици или немаме ланци на летните? Дали во тој случај имаме право на исплата на штетата со каско осигурувањето?
Познато е дека со каско осигурување се надоместува штетата на автомобилот без оглед дали возачот на возилото е виновен или пак друг учесник во сообраќајот е причинител на незгодата. Меѓутоа, постојат разни ограничувања и услови, меѓу кои влегува и обврзна техничка исправност на возилото. Согласно на тоа, доколку по снег и мраз возите со летни пневматици се смета дека возилото е технички неисправно. Во тој случај со осигурувањето за автоодговорност се надоместува само штетата која вие сте ја нанеле на другите возила.
Од Винер осигурување велат дека при осигурување, основот за исплата на штета се утврдува согласно законот и условите на осигурувањето. Понатаму, исто така е важно да се знае дека за оштетено возило побарување може да се направи по однос на полиса за Автомобилска одговорност и полиса за КАСКО осигурување.
Во првиот случај, кога штетата настанала без вина на оштетениот, истата ќе му биде исплатена од страна на осигурителната компанија.
Во вториот случај, условите на осигурување, како и кај сите осигурувања впрочем, се повикуваат на законските предуслови за учество во сообраќајот, кои пак се дефинирани со Правилникот за задолжителна опрема за безбедно учество во сообраќајот (Член 11) во кој се вели следново:
(1) Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од четири mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
(2) Како зимска опрема за моторни возилата со погон на четири тркала (4 х 4) се подразбира:
– зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од шест mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири mm. ако возилото во приборот има синџири за снег, и во случајот кога имаат постојан погон,синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
(3) Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg се подразбира:
– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, од шест mm.
– пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
– автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и
– прирачен алат – лопата.
(4) Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
(5) Во согласност со овој правилник, во патниот сообраќај на возилата не се поставуваат пневматици со клинци.
Тоа значи дека при давањето основ за оштетно побарување, настанато во случај кога не се исполнети законските побарувања за учество во сообраќајот и истото е наведено во службениот записник за натанатата штета, основот може да биде спорен, што повторно не значи дека штетата нема да биде исплатена.
Заклучокот е дека:
1. законските регулативи и условите на осигурувањето се клучни во одредувањето на основот за исплата на штетата
2. според законските прописи зимските гуми не се задолжителен предуслов за сите возила во сите ситуации во периодот по 15.11.
3. неконзинстентноста во исполнувањето на условите во правилникот за задолжителна опрема, само по себе, не значи дека штетата нема да биде исплатена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.