Голем број едукативни игри, конкурси, натпревари, детска мини-олимпијада, дружење со македонските фудбалски ѕвезди, претстави, детска модна ревија, како и попусти ќе понуди четвртиот Саем за деца што од денеска до 23 ноември се одржува во „Скопје сити мол“.
Како што информира организаторот, Саемот е замислен како најголем собир на деца од различни возрасти, кои заедно со нивните родители ќе поминат четири дена исполнети со креативни и забавни содржини. Дел од настаните кои ќе се одржат во следните четири дена се концерт на златните славејчиња, хипхоп-работилница со „Ритам плус“, квизови на знаење, детски олимписки игри, надополнети со уникатна парада на декорирани бебешки колички, бебешка трка во лазење и трка со дубачиња, како и несекојдневна детска модна ревија.
На вториот кат кај одделот за храна ќе биде поставено мини-фотостудио, каде што ќе бидат фотографирани сите заинтересирани деца, кои би можеле да станат лица на календарот на „Скопје сити мол“ за 2015 година, насловен „Биди ѕвезда во 2015 година“. Фотографирањето, кое ќе се спроведе во деновите на траење на Саемот за деца, е првата фаза од изборот на детски ликови. По фотографирањето, ќе бидат избрани 24 лика, за кои ќе може да се гласа на социјалните мрежи, а 12 од нив ќе бидат дел од големата фотосесија за календарот, која ќе биде реализирана од македонската фотографка Маја Аргакиева.
За децата до петгодишна возраст е резервирано катчето на „Сити кидс клубот“ каде што ќе се бои, игра и моделира, а за поголемите, пак, е предвидена забава во зоната за игра, местото на вториот кат каде што ќе се плете со гумени ластичиња, ќе се составуваат четири бои во низа и ќе се игра последната хит игра на Сони, „Скај ландерс“. Посебни физички активности за психо-моторика на деца до седум години ќе бидат организирани во текот на целиот саем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.