| четврток, 6 декември 2018 |

Витамини и антиоксиданси, првата борбена линија во одбраната на здравјето

Овошјето и зеленчукот се најдобрите извори на витамини и минерали неопходни за нашиот организам, а кога на тоа ќе се додадат и антиоксидансите што ги содржат, добиваме вистинска формула за здрава исхрана

Науката недвосмислено докажала дека луѓето што јадат овошје и зеленчук, како дел од нивната редовна здрава исхрана, се поздрави и со помал ризик да заболат од некои хронични болести. Народот вели дека се тие први на одбранбената линија на нашиот организам. Тие се најдобрите извори на витамини и минерали незаменливи за здравјето, а кога на тоа ќе се додадат и антиоксидансите што ги содржат, добиваме вистинска формула за здрав начин на исхрана.

Борци против слободните радикали

15013891

Антиоксидансите ги стабилизираат штетните нус-производи на нашата телесна енергетска машина. Овие нус-производи, познати како слободни радикали, може да ја оштетат нашата ДНК, да го зголемат нивото на лошиот холестерол и, уште полошо, да направат пустош на кое било место во човековото тело.

Тие непосакувани состојби се случуваат кога поединечните антиоксиданси не дале посакувани резултати, односно не биле внесувани во телото како разновиден систем од повеќе природни извори. Затоа научниците од Харвард предупредуваат дека ниеден антиоксиданс поединечно, сам и изолиран, нема моќ како онаа што се добива кога ќе се искомбинираат повеќе антиоксиданси, внесени во телото не како суплементи, туку преку природна и здрава храна. Токму затоа е најважно да ја знаеме антиоксидантската содржина на различните видови храна, покажува публикацијата „Вкусни извори на антиоксиданси“ на харвардовиот отсек „Хелтбит“.

Меѓународен тим на истражувачи направиле истражување во САД на повеќе од илјада видови храна и, според резултатите, на врвот на листата на најбогати со антиоксиданси се: капините, оревите, јагодите, малините, кафето, боровинките и меленото каранфилче.

Според истото истражување, здравото готвење на храната го зголемува антиоксидантскиот потенцијал на овие производи, со исклучок на некои видови зрнеста храна, како оризот и тестенините од пченка и пченица, чија антиоксидантска вредност опаѓа со термичката обработка.

Истражувачите, сепак, се внимателни да не се тврди дека јадењето храна од врвот на нивната листа ќе излекува од некоја болест. Наместо тоа, тие веруваат дека нивното рангирање на изворите на антиоксиданси ќе помогне во истражувањата колку тие можат да помогнат во спречувањето на разни болести.

Во меѓувреме овој список слободно може да биде вашата топ-листа на здрава храна.

Чувар без замена

Јадењето овошје, како дел од целокупниот здрав начин на исхрана, може да го намали ризикот од срцеви заболувања, вклучувајќи ги и срцевиот и мозочниот удар, да го намали ризикот од некои видови рак, да помогне во намалувањето на крвниот притисок, на развојот на бубрежни камења и на губењето на коскената маса.

Со јадење овошје внесуваме помалку калории, масти и натриум, што е несомнено битно за здравото тело. И уште поважно – ниедно овошје не содржи холестерол.

Овошјето има калиум, растителни влакна, витамин Ц и фолна киселина. Исхраната богата со калиум може да помогне да се одржи здрав крвен притисок. Него го има во бананите, во сливите и во чистиот сок од сливи, во сушените кајсии, во праските, дињите и во сокот од портокал. Растителните влакна од овошјето помагаат во намалувањето на нивото на холестерол во крвта и можат да го намалат ризикот од срцеви заболувања, а особено се важни и за правилното функционирање на цревата. Витаминот Ц е важен за растот и за „поправка“ на сите ткива, помага при лекувањето на рани и ги одржува забите и непцата здрави. Фолната киселина му помага на телото во формирањето на црвените крвни клетки. Особено е важно за жените во периодот пред забременување и на почетокот на бременоста, бидејќи имаат позитивно дејство и врз плодот.

Здравјето расте околу нас

h

Повеќето зеленчуци се природно сиромашни со масти и со калории и ниеден нема холестерол. Зеленчукот е важен извор на многу хранливи состојки, вклучувајќи калиум, растителни влакна, фолна киселина, витамин А и витамин Ц. За здрав крвен притисок потпрете се на калиумот, а него побарајте го во белите компири, гравот, доматите и во производите од нив (пире, сос и сок), потоа во репката, спанаќот, леќата, боранијата… Сите нив ги имаме кај нас, во здрава форма, изворно, и навистина би било штета доколку не ги искористуваме.

Растителните влакна од зеленчукот се регулатори на работата на цревата и помагаат при запекот и дивертикулозата. Фолатите во зеленчукот го намалуваат ризикот од дефекти на невралната туба, на спинабифидата и на аненцефалијата за време на феталниот развој. Витамин А од зеленчукот ги одржува очите и кожата здрави и помага во заштитата од инфекции, а витаминот Ц, освен што е благотворен за зацелување на раните, помага во апсорпцијата на железото.

Logo_ZDRAVJETO E IZBOR

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top