На барање на православните Албанци во Македонија, Македонската православна црква – Охридска архиепископија одобри во црковните храмови да можат да се одржуваат богослужби на албански јазик.
Литургија на албански јазик наскоро, како што пишува денешен Дневник, првпат треба да биде одржана во некоја од православните цркви во Македонија како израз на подготвеноста на МПЦ-ОА да им излезе во пресрет на барањата на граѓаните што се чувствуваат како православни Албанци.
Засега не е познато кога и во која црква ќе се одржи ваквата богослужба, но се знае дека тоа ќе биде панихида во спомен на Kристо Багери, син на познатиот албански преродбеник Јосиф Багери. Се навестува дека првата богослужба би можело да се случи напролет в година. Вакви и слични богослужби ќе можат непречено да се организираат секогаш кога ќе има потреба и барања од верниците.
Синодот на МПЦ-ОА веќе донел одлука со која се одобрува таквата богослужба која ќе ја изведат двајца свештеници што го знаат албанскиот јазик.
– Светиот синод на МПЦ одобрува да се ангажираат свештеникот Ристо Kумбуровски од Kичево, кој потекнува од Албанија и го владее албанскиот јазик, и еден претставник од Гостиварското архијерејско намесништво со благослов на надлежниот митрополит на Тетовско-гостиварската епархија г. Јосиф, да можат да ја богослужат панихидата на албански јазик во деновите што се одбележуваат во мавровските села, се наведува во синодската одлука донесена на почетокот од октомври годинава, а потпишана од архиепископот г.г. Стефан.
Синодскиот портпарол, владиката Тимотеј, вчера за весникот потврдил дека таквата одлука е донесена и оти ќе биде спроведена.
– Панихидата ќе ја одржат двајца наши свештеници, кои потекнуваат од село Пустец од Албанија, во која живеат наши Македонци. Тие свештеници се школувале во нашата Богословија во Драчево и дозволено е да се одржи таквата богослужба. Слични служби ќе се организираат секогаш кога ќе има вакви барања и кога ќе има верници што ќе присуствуваат, вели владиката Тимотеј.
Тетовско-гостиварскиот владика Јосиф ќе определи во која црква ќе се одржи првата служба, а извесно е дека ќе биде во мавровскиот крај.
Публицистот Бранислав Синадиновски, кој објавил повеќе трудови за православни Албанци, објаснува дека Kристо Багери е посебна личност.
– Освен што е син на преродбеникот Јосиф Багери, за него е најпознато тоа што како 16-годишник загинал во една комитска чета во околината на Битола. Тоа се случило во 1906 година, три години по Илинденското востание. И тој како православен Албанец загинал за слободна Македонија борејќи се против турските окупатори. Неговиот татко го надживеал, а за смртта на својот син напишал и една преубава елегија, вели Синадиновски и додава дека постои иницијатива на младиот комита да му се подигне споменик во Битола.
Идејата за богослужба на албански јазик во православните храмови ја промовирал Бранко Манојловски, почесен претседател на друштвото „Јосиф Багери“, кое се залага за афирмација на припадниците на оваа заедница, за што весникот веќе пишувал пред извесен период.
– Таа идеја планираме наскоро да им ја претставиме на црковните власти за да најдеме начин како да се оствари, рекол Бранко Манојловски, кој живее во мавровското село Kиченица, но и во САД.
Според негова процена во Македонија има значителен број Албанци што се со православна вера.
– Голем број од нив се уште не се изјаснуваат како такви. Одржувањето на богослужбите на албански јазик ќе помогне за нивното сознавање. Досега направив контакти со братството од Бигорскиот манастир и оттаму ми рекоа дека се позитивно расположени за таа идеја, вели Манојловски.
Во МПЦ наведуваат дека се подготвени и да се одржуваат богослужби и на други јазици.
– Ако, на пример, добиеме барања да организираме богослужби на турски или на ромски јазик, ќе ги прифатиме, велат од МПЦ.
Православните Албанци во Македонија ја поздравуваат одлуката на МПЦ за одржување литургија на албански јазик, во чест на Kристо Багери.
Наим Иљази од друштвото „Јосиф Багери“, кое се ангажира за афирмација на православните Албанци верува дека литургијата ќе се одржи во мај догодина.
– За тоа искажуваме голема благодарност кон МПЦ. Треба да знаеме дека културното разбирање е клучно за една поефикасна меѓусебна комуникација и за градење еден граѓански концепт за полесно решавање на општествените недоразбирања и проблеми. За жал, постојат луѓе што ја истакнуваат својата верска или етничка припадност како посупериорна во однос на другите етнички заедници, кои ги сметат за инфериорни и недостојни да учествуваат во општествените процеси за градење заеднички вредности, потенцира Иљази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.