Малку е веројатно дека на вљубените нешто ќе им значи овој факт, но нова студија открива дека со бакнеж од десет секунди се пренесуваат 80 милиони бактерии.
Во човечкиот екосистем живеат сто билиони микроорганизми, надвор и внатре во телото. Луѓето не се свесни за нив, но тие организми им помагаат во дигестивниот тракт и заштитата од болести. Без нив, тешко би преживеале.
Устата е дом на 700 различни видови бактерии, а холандски научници од тамошните организации за применети научни истражувања (ТНО) одлучиле да истражат што со нив се случува за време на бакнувањето. Резултатите се објавени во списанието „Microbiome“.
Работеле со 21 двојка кои прво морале да пополнат прашалник за тоа колку често се бакнуваат во денот и колку долго им трае бакнежот. Потоа зеле примероци од нивните усти и од јазикот за да утврдат каков свет на микроби ги населува. Откриле дека двојките кои често и доволно долго се бакнуваат, а тоа значи во просек девет пати дневно, на крајот имаат многу слична заедница на микроби во своите усти.
Пресметале и колку микроби го промениле своето „живеалиште“ за време на францускиот бакнеж. Еден член на двојката морал претходно да испие пробиотски напиток што во себе содржел бактерии кои лесно се идентификувале.
Се покажало дека за време на бакнежот од десет секунди се пренесуваат 80 милиони бактерии. Бактериите од плунката полесно „патуваат“, а оние лоцирани на јазикот изгледале постабилно.
Иако податокот од 80 милиони бактерии звучи застрашувачки, тоа всушност е добра работа, бидејќи се работи за вид „вакцина“ и градба на имунолошкиот отпор на изложеноста на разни микроорганизми.
– Од тоа гледиште, бакнувањето е многу здраво, изјави холандскиот професор Ремцо Корт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.