Колачиња, чоколадо, торти… благо, благо, благо… Повеќе од половината од светската популација не може да им одолее на благите десерти, на примамливите колачиња во слаткарниците, на убаво спакуваните чоколади и бомбони на рафтовите во маркетите, на популарните газирани пијалоци… Речиси ист толкав е процентот и на оние што признаваат дека едноставно не можат без благо. Но дали навистина не можеме без слатко, без храна со шеќери, дали има замена за неа и што се може да се направи кога ќе добиеме „напад“ за благо?
Додадените шеќери се убијци
Исхраната претрупана со шеќери убива. Колку страшно и да звучи, тоа е заклучокот од студијата направена на ланскиот годишен симпозиум на Американското здружение за срце (АХА). Авторите на студијата во пијалоците со шеќер ја гледаат вината за 180.000 смртни случаи годишно во светот. Но газираните и овошните пијалаци со додаден шеќер не се единствените извори на шеќер. Изворите се насекаде, од обичниот шеќер што го додаваме во кафето и во чајот, па сѐ до чоколадните тортички и разно-разни сирупи.
Првенствена последица на штетните ефекти од шеќерот е зголемувањето на телесната тежина од додаден шеќер во храната и од засладените пијалоци. Потоа следуваат потешките последици. Повеќето од смртните случаи се поврзани со срцеви заболувања, рак и дијабетес, вели д-р Мишел Хаузер од Медицинскиот факултет во Харвард.
Но не е сѐ толку црно, бидејќи внесот на шеќерите и самите можеме да го контролираме. Тоа е возможно и за засладените и за спакувани благи продукти – едноставно гледајте ја етикетата на која е напишан составот, меѓу кој и количината на шеќер во конкретниот производ.
Со вештачки засладувачи е подобро?
Вештачките засладувачи, кои се без шеќер и обично со помалку калории отколку во шеќерот, би можеле да изгледаат поздрава опција, но сепак контроверзна. АХА заклучила дека користењето на вештачки засладувачи како аспартам, сахарин и сукралоза може да го намали бројот на калории во исхраната, а со тоа да се помогне во губењето на телесната тежина. Сепак, оваа Асоцијација нагласува и дека употребата на овие засладувачи, кои генерално се стотина, па дури и илјада пати поблаги од шеќерот, може да направи уште повеќе да бидеме гладни за благо.
За луѓето што се обидуваат да направат мали промени во исхраната, вештачките засладувачи понекогаш се добра отскочна штица, но тоа не значи постојано да се употребуваат.
Овошје место колачиња и без бомбони во фиоките

Ако сте „закачени” на шеќер, не обидувајте се да ја елиминирате целата слатка храна одеднаш. Ако одбиваме дури и само една бомбона или половина парче торта, само повеќе ја засилуваме потребата за благо. Наместо тоа треба да јадеме храна со цели зрна, овошје, зеленчук, здрави масла и посни протеини. Таа храна побавно се вари и помага при изедначувањето на шеќерот во крвта.
Постојат поголем број практични совети како да се одвикнеме од благото, но неколку се покажале практично ефикасни:
– Благата храна држете ја што подалеку од вас и не искушувајте се со тоа што ќе ги криете чоколатцата, бомбоните и соковите во фиоките и плакарите низ дома. Место тоа постојано имајте овошје на дофат на раката.
– Засладете си сами. Почнете со незасладен ладен чај, обичен јогурт или со безвкусна овесна каша. Потоа додадете свој засладувач. Не е важно колку ќе додадете од засладувачот, бидејќи сигурно нема да ставите онолку колку што ставил производителот.
– Појадувајте. Ако денот ви почне со хранлив здрав оброк наутро, помала е веројатноста дека ќе ви проработи желбата за благо во текот на денот.
Со овие „финти“ полека ќе се навикнете на исхрана со помалку супер слатки нешта, а со текот на времето ќе бидете задоволни со ретките честења со нешто благо.
Инкогнито шеќери

Многу производи имаат скриени шеќери. Затоа бидете претпазливи со пакуваната блага храна, особено онаа на која е нагласено дека е со намалена масленост. Денес е тренд да се користат производи со ниска масленост, па некои производители го користат тоа и кога ќе им ја намалат масленоста на своите производи, калоричноста ја постигнуваат со шеќери. Затоа, читајте ги налепниците и барајте инкогнито шеќери. Притоа особено внимавајте кога ќе прочитате “lactose-free”, што не значи и ”sugar-free”, односно “без шеќер“. И на крајот, зошто да си ги трошите парите на спортски пијалоци што го прават истото што и водата, се вели во специјалниот извештај на Хавардовата медицинска школа „Редуцирање на шеќерите и на солите“.
Медот бил засладувач уште пред откривањето на шеќерната репка

Луѓето почнале да користат мед како засладувач многу пред употребата на шеќерна репка. И покрај долгата историја и општоприфатеното мислење за големата здравствена придобивка од медот, сè уште постојат поделени мислења кога се работи за медот како здрава храна.
Медот е составена главно од вода (17%) и два едноставни шеќери – фруктоза (38%) и гликоза (31%). Мал дел отпаѓа на разни сложени шеќери, минерали, витамини и протеини. Некои од овие состојки имаат антиоксидантни својства. Лажица мед содржи околу 64 калории, наспроти лажица бел шеќер која содржи 45 калории. Но неспоредлив е позитивниот ефект на медот, спореден со ефектите што ги прави шеќерот.
Повеќето лекари се неутрални по прашањето за медот како здрава храна. Но педијатрите предупредуваат децата под едногодишна возраст да не се хранат со мед, вели во својата публикација Харви Б. Симон, уредник на Харвардовиот „Менс Хелт Воч“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


