Изминативе месеци дојде до влошување на економската состојба во земјите од западниот Балкан, со стопански пад и запаѓење на Србија и Албанија во рецесија, при што значителен раст на реалниот бруто домашен производ единствено е забележан во Македонија, оцени Европската комисија во својата најнова економска анализа.
Како што јави „Б92“, во документот се посочува дека ваквите резултати укажуваат на заклучокот дека заздравувањето во регионот, што почна во 2013 година, било на несигурна основа.
Освен во Македонија, раст на БДП-то е забележан и во Косово, но според анализата на Еврокомисијата, тоа се должи на приватната потрошувачка предизвикана од значителното зголемување на платите на вработените во државниот сектор и на пензиите во април годинава.
Иако во последниве месеци дојде до незначително намалување на невработеноста во регионот, таа и натаму е висока и изнесува 30 отсто во Косово, 28 проценти во Македонија, над 20 проценти во Србија и 18 отсто во Албанија.
– На западниот Балкан и натаму владее голема невработеност, особено меѓу младите, што бара решителни и уверливи структурни мерки на пазарот на работната сила и производството, се заклучува во текстот.
Во Албанија во седум од првите осум месеци од годинава е забележан раст на вработеноста, исто како и во Македонија, благодарејќи на силното заздравување на преработувачката индустрија, се наведува во анализата.
– Големите поплави во мај во Србија и во Босна и Херцеговина, имаа разурнувачки последици по инфраструктурата и предизвикаа загуба во производството, пред се во рударството и енергетиката, се додава во документот.
Запирањето на растот во Црна Гора и Албанија се должи на големиот пад на индустриското производство, а во Србија состојбата се влошила поради запирањето на инвестициите, смета Еврокомисијата.
Голем предизвик за повеќето земји од западен Балкан е малата покриеност на увозот со извоз, што доведе до влошување на тековниот платен биланс, особено во првата половина од годината. Најмал дефицит од 1,2 отсто од БДП има Македонија, додека во останатите земји од регионот тој се движи од 7,0 проценти во БиХ, до 11,6 во Албанија и 15,2 отсто од БДП во Црна Гора, стои во анализата.
Во регионот дојде и до општ пад на цените и тоа најмногу во секторите за храна, облека, комуникации и транспорт. Банките во регионот незначително го зголемија обемот на кредити за компаниите, при што најголема стапка на ненаплатени банкарски кредити има во Албанија од 24 отсто и во Србија од 23 проценти, оценува Еврокомисијата во анализата.
Урамнотежување на буџетските трошоци е забележано во Албанија и Црна Гора, во голема мерка поради зголемената наплата на даноци, додека во Србија и БиХ има влошување на економските состојби и падна приливот во буџетот, како резултат на поплавите, се наведува во анализата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хорор куќа на Балканот која ги „убила“ сите сопственици
-
Невреме над Балканот, девојче загина од удар на гром
-
Возачите на Балканот во паника: Пристига новиот радар со кој полицијата ќе може освен брзината, да детектира и дали зборувате на телефон!
-
Џабе работи, џабе не седи: Во Луксембург за еден час се заработува колку на Балканот за цел ден