Агенцијата за катастар на недвижности бесплатно изготви 403 елаборати за легализација на дивоградби на корисници на социјална и постојана парична помош и со ниски примања и почна со нивно доставување до барателите и до општините.
Првиот бесплатно изготвен елаборат денеска го доделија министрите за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Диме Спасов на скопјанката Божа Савеска во нејзиниот дом во населбата Лисиче.
Савеска е неподвижна и корисник на инвалидиска пензија, а живее сама во објектот што ќе и биде легализиран бесплатно.
– Добивањето на елаборатот за мене значи стреа над главата. Голема благодарност затоа што јас не можам да одам по тие врати за да ја вршам таа работа – изјави Савеска, која побара помош заедно со куќата да се реши статусот на дворното место.
Министерот Јанакиески истакна дека од денеска катастарот по службена должност ќе ги доставува бесплатните елаборати до општините, за да не мора таму да одат граѓаните, на кои исто така ќе им биде однесена копија.
– На 400 семејства ќе им овозможиме целосна бесплатна легализација. Моментно се доставени над 1.100 барања, а се изготвени 400 елаборати – изјави Јанакиески.
Во меѓувреме, информира, во соработка со општините е изготвена комплетна електронска база на поднесени барања, која денеска ќе биде доставена до Министерството за труд и социјална политика.
– Ќе знаеме точно кои лица корисници на социјална и постојана парична помош или со примања под просекот се опфатени со Законот, односно за бесплатна легализација. Автоматски, Министерството за труд и социјална политика ќе го информира Катастарот за да почне со изготвување бесплатни елаборати – рече Јанакиески.
Според министерот Спасов, бесплатната изработка на елаборатите и легализацијата е уште една поволност за социјално ранливите категории граѓани.
– Со овој проект во значителна мера им се помага на примателите на социјална и постојана парична, како и на граѓаните кои имаат пониски приходи до 14.000 денари месечно или вкупно на годишно ниво до 160.000 денари, да имаат можност да добијат бесплатен елаборат за легализација на нивните бесправно изградени објекти – изјави Спасов.
Тој ги повика примателите на социјална и постојана парична помош и со ниски приходи доколку се уште не поднеле барање за бесплатен елаборат за легализација да го достават до Агенцијата за катастар на недвижности со цел бесплатно целосно да го легализираат, а притоа да не загубат ниту едно право.
Геодетскиот елаборат е основниот документ за легализација, а рокот за доставување на овој документ до општините за да се комплетираат барањата за легализација истекува на крајот на следната година.
Според Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар, од почетокот на процесот за легализација во март 2011 година, досега се впишани над 107.000 нелегални објекти, со изготвени решенија за легализација и издадени имотни листови. Вкупно се поднесени 360.000 барања за легализација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.