Вчера во кошаркарската Евролига беа одиграни првите седум натпревари од петтото коло од првата фаза на натпреварувањето.
Црвена звезда на гостински терен ја демолираше Лаборал Куча со 86-66. Домаќините само во првиот период од играта им парираа на гостите од Белград. Избраниците на тренерот Радоњиќ беа расположени за игра и уште од вториот период ја диктираа играта и не дозволија Лаборал резултатски да се доближи.
Единствен поединец на домаќините што можеше да им парира на црвено-белите беше Литванецот Сонгајла со 20 поени, кој беше и најдобар стрелец на мечот.
Кај Црвена звезда четворица играчи имаа двоцифрен број поени, а нив ги предводеше младиот Лука Митровиќ со 17 коша. Одличен натпревар одигра и германскиот репрезентативец Зирбес со 15 поени и со седум скока.
По половина одиграни натпревари во групната фаза, Звезда се наоѓа на второто место со три победи и со два пораза, веднаш зад Олимпијакос, кој синоќа во групата Д го демолираше Галатасарај со 93-66. Олимпијакос е со стопроцентен ефект од пет натпревари.
Европскиот шампион Макаби им се врати на победите по незгодниот пораз на домашен терен во минатато коло од Цедевита. Жртва на тоа беше шпанскиот тим Уникаха, која на домашен паркет загуби со 66-70. Незадржлив кај израелеците беше Американецот Девин Смит, кој постигна 24 поени и 10 скока. Макаби направи осум разлика во првата четвртина и ја сочува до самиот крај.
Резултати:
Уникс Казан – Нижњи Новгород 73-79, Нептунас – Валенсија 94-87, Баерн Минхен – Фенербахче 86-93, Лаборал Куча – Црвена Звезда 66-86, Армани Милано – Туров Згоржелец 90-71, Олимпијакос – Галатасарај 93-66, Уникаха – Макаби66-70.
Вечерва се играат останите пет натпревари, а се среќаваат:
Анадолу Ефес – Реал Мадрид, Цедевита – Алба Берлин, Лимож – ЦСКА Москва, Сасари – Жалгирис, Барселона – Панатенаикос.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


