– Најрелевантен е исказот на самиот посредник амбасадорот Метју Нимиц кој кажа дека нема некакви поместувања или новости. Искажа желба да продолжи да биде ангажиран и да има ненакво поместување, но во овој момент тоа го нема – изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски, осврнувајќи се на резултатите од вчерашната средба на медијаторот на ОН во Њујорк со претставниците на Македонија и на Грција околу состојбите со разговорите за разликите околу името на Република Македонија.
– Останува проценката што ја имаме веќе во повеќе наврати констатирано и што е оценка која ја споделуваат и сите надворешни фактори дека во овој момент не постои посебна желба и мотивираност кај нашиот соговорник за придвижување особено со оглед на внатрешно политичките предизвици и приоритети што ги имаат. Од наша страна имаме желба, имаме мотив да го надминеме овој проблем што е единствениот проблем и единствената пречка да ги почнеме преговорите со ЕУ, како што и самата Европска Ккомисија има констатирано и воедно е главната и единствената пречка зошто Македонија не е земја членка на НАТО алијансата – истакна Попоски по пуштањето во употреба на повеќенаменско спортско игралиште во основно училиште „7-ми Март“ во Челопек Во меѓувреме, појасни, разменивме мислења и со ЕК околу тоа што можеме да направиме покрај блокадата што ја имаме во Советот на ЕУ од страна на Грција.
– И во тој дел имаме исти идеи дека многу што може да се направи во делот на реформите и приоритетните цели што ги имаме во пристапниот дијалог на високо ниво и тоа и ќе го сториме – рече шефот на македонската дипломатија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.