Русија го запира увозот на свинско месо од Канада. Денес санитарните власти во Москва изјавиле дека во месото од северноамериканската држава биле откриени траги од супстанција опасна за здравјето. Станува збор за препарат кој се користи за зголемување на мускулната маса, чија употреба е забранета на руска територија.
Забраната за увоз на канадско свинско влегува во сила од утре.
Канада, заедно со Европската унија, САД и уште неколку земји, воведе трговски санкции против Русија поради интервенцијата на Москва во украинската криза. Како одговор Кремљ наметна забрана за увоз на храна и пијалаци.
Денес премиерот на Русија, Дмитриј Медведев, за време на посетата на Мианмар, изјавил дека санкциите порано или подоцна ќе паднат.
– Сепак, не сите западни фирми ќе се вратат на нашиот пазар – рекол тој.
Премиерот изразил надеж дека пазарот, ослободен од санкциите, може да биде исполнет со стоки од Азија. Медведев истакна дека руската економија не може да се ослободи од зависноста од увозот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.