Министерството за транспорт и за врски денеска го објави огласот за избор на консултантска компанија што ќе изработи студија за економска оправданост за можноста за формирање, односно воспоставување редовен национален авиопревозник во Република Македонија. Покрај изработувањето на овој документ, најповолниот понудувач ќе треба да ги анимира реномираните странски авиокомпании во пронаоѓањето интерес тие да станат македонски национален авиопревозник, но и да ја советува македонската влада во текот на целата постапка за пронаоѓање квалитетна и издржана понуда за успешно спроведување на проектот.
За подготовка на неопходната студија за економска исплатливост е планирано да се потрошат околу 160.000 евра, без вклучен ДДВ. Заинтересираните консултантски субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 29 декември, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред неколку дена најави дека меѓународниот повик за пронаоѓање на национален авиопревозник ќе биде распишан во првата половина од 2015 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.