
Турската компанија „Аселсан“ за 18 месеци треба да инсталира електронски систем за наплата на патна такса во државата и да ги модернизира патарините на Коридорот 10.
Договорот ќе го потпишат денеска претставници на „Аселсан“ и на Јавното претпријатие за државни патишта, во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Вредноста на инвестицијата е 18,7 милиони евра од кои 15 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и за развој, а другиот дел од државниот буџет.
Проектот треба да овозможи брз проток на возила низ патарините, со исклучување на човечкиот фактор, без плаќање во готовина, како и избегнување на можноста за неплаќање патна такса и создавање метеж, особено во летниот период.
Електронската наплата ќе се одвива преку микробранови транспондери и со паметни картички, а системот ќе врши и категоризација на возилата. Проектот предвидува реконструкција, проширување и модернизација на петте постојни наплатни станици на Коридорот 10 – Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


