Трите хотели на „Метропол“ остварија 1,26 милиони евра приходи во екот на туристичката сезона во Охрид, во периодот јули-септември. Хотелите на „Метропол“ просечно дневно имале приход од 13.657 евра, а дневниот просечен профит е 6.423 евра, покажуваат податоците од неревидираниот биланс на успех на најголемата охридска хотелиерска компанија која ги поседува хотелите „Метропол“, „Белви“ и „Турист“ и управува 368 хотелски соби и 10 апартмани.
Според податоците што се објавени на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност „Метропол“ на крај на септември има приходи од продажба во износ од 135,6 милиони денари (2,2 милиони евра) и бележи раст на приходите од 7 отсто во споредба со истиот период лани. Неговите оперативни расходи во овој период изнесуваат 94,6 милиони денари (околу 1,5 милиони евра). Добивката за првите девет месеци годинава е 41,9 милиони денари (околу 700.000) евра и бележи раст од 20 отсто во споредба со истиот период лани.
Споредбата на податоците за првите шест месеци годинава и за периодот јули-септември покажува дека популарно наречениот шпиц на сеозната има огромно влијание врз работата на овие охридски хотели.
Неговиот профит во периодот јули –септември е 36,4 милиони денари и е поголем за 7 пати од профитот остварен во првите шест месеци годинава кој изнесува 5,5 милиони денари. Во екот на тромесечниот шпиц хотелите оствариле приход од продажба во износ од 77,4 милиони денари. За споредба во претходниот двојно подолг период истите хотели оствариле приход од 58,24 милиони денари дневно. Ова наведува на заклучок дека менаџментот на хотелите треба да ги разгледа опциите на прилагодување на условите што ги нудат на клиенти за да можат и во тој период да генерираат повеќе приходи, особено следејќи го универзалното туристичко правило дека „најскапа соба е празната соба“. Токму пример за оптимизацијата на понудите во последниве две-три години е бугарскиот туристички центар Банско чии хотелиери креираат различни понуди-продукти за секој период од годината.
Од друга страна пак од споредбата на приходите и расходите за првите шест месеци годинава може да се заклучи дека цел на менаџменот на хотелите била да не се работи со загуба и тоа е постигнато затоа што расходите за шесте месеци се 53,7 милиони денари односно се 4,5 милиони денари пониски од приходите од продажба.
Добивката по акција за само три месеци расте од 5,3 денари во првите шест месеци на 40,5 денари за акција до крајот на септември. Добивката по акција за третиот квартал годинава е 35,2 денари за акција.
„Метропол“ е во мнозинска сопственост на „Фершпед“ која поседува 73,5 отсто од акциите. Според податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност уште 523 домашни физички лица поседуваат 19 отсто од акциите со право на глас во охридските хотели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.