| четврток, 6 декември 2018 |

Филипините собраа 3,8 милијарди долари за жртвите од тајфунот „Јоланда’’

тајфун

Шефот на Специјалната претседателска комисија за санација на последиците од катастрофалното невреме што на 8 ноември минатата година го предизвика тајфунот „Јоланда’’, Херминио Коломна,  соопшти дека за една година од кредити, заеми и донации се обезбедени 3,78 милијарди долари.

Овие средства, сепак, не се доволни за да се надминат последиците на катастрофата во која 6.500 Филипинци го загубија животот, а над 1,6 милиони семејства останаа без покрив над главата.

Според Коломна, преку владини агенции и невладини организации до сега се распределени 85 посто од средствата. Прилично големото незадоволство на населението погодено од ураганот тој се обиде да го намали со изјавата дека  ќе се обезбедат уште средства за санација на последиците, но и за финансуиска поддршка за поголем економски развој на настраданите подрачја.

Ураганот „Јоланда’’, во светската метеорологија познат и како „Хаијан’’ се смета за еден од најкатастрофалните супер-тајфуни  на светот. Невремето ги погоди и Виетнам и Микронезија, но најстрашниот удар се случи над Филипините.

Во обезбедување на средствата за помош се вклучија Светската банка, Азиската банка за онова и развој, јапонската влада, ФАО, Европската Унија, САД, Велика Британија и Јужна Кореја. Администрацијата на САД е во фаза на донесување на конечна одлука за дозвола на продолжување на престојот на над 300.000 филипинци кои по катастрофата добија дозвола да се вработат во државата што ја сметаат за традиционален пријател.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top