По повеќе од четвртина век присуство на рускиот пазар, американскиот телевизиски канал „СиЕнЕн Интернационал“ ја напушта земјата. Причина се последните промени во руското законодавство кои ги засегаат медиумите, се вели во соопштението на сопственикот „Turner Broadcasting System“. Од компанијата соопштуваат дека се надеваат во иднина да се вратат на телевизиските екрани во Русија.
Претставник на ТБС објаснува, дека компанијата разгледува опции за ширење на сигналот во Русија во контекст на променетото законодавство и дека ги раскинува постоечките договори, но не го затвора московското биро на СиЕнЕн.
Не се прецизира кои точно промени го принудиле ТБС да се повлече. На крајот на септември парламентот донесе закон, кој на 15 октомври беше потпишан од претседателот Владимир Путин, со кој се забранува странското учество во руски медиуми да не надминува 20%. Пред тоа се дозволуваше странски физички и правни лица да контролираат до 50% од телевизиските канали и немаше ограничувања во печатените и интернет изданија.
На 10 ноември вечерта ТБС Европа ги известила кабелските оператори дека од 31 декември нема да можат да го распространуваат СиЕнЕн на територијата на Русија.
СиЕнЕн е во рускиот етер од крајот на 80-тите години. По 1991 година започна деноноќно емитување на СиЕнЕн во Москва, а во 1993 година американската телевизија беше главен извор за настаните кога испратените тенкови од претседателот Борис Елцин, пукаа на зградата на парламентот, во кој беа забарикадирани негови противници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



