
Доајенот на македонската изворна музика Вања Лазарова, диригентот Рамадан Шукри, писателот Раде Силјан и Миле Бошевски од библиотечната дејност се четворицата добитници на национални пензии од областа на културата.
– Со измените на Законот за културата, почнувајќи од први јануари 2012 година се отвори можноста уметниците и другите стручни работници од областа на заштитата на културното наследство, кои се добитници на наградите „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата или за животно дело, да имаат право на месечен надомест од Министерството за култура во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија. Додатокот на пензијата е потврда на грижата за уметничките вредности на делата создавани од македонските културни творци кои овозможија нашата земја да биде дел од светската културна ризница – изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на доделување на решенијата.
Досега министерството доделило вкупно 57 решенија за национална пензија која ја доделува државата.

– Тие се своето творештво оставија значаен белег во македонската култура. Во своите достигнувања тие се вложиле максимално. Лазарова, Шукри, Силјан и Бошевски се своевиден бренд на македонската култура – додаде министерката.
Таа и посака многу здравје и убави пензионерски денови на нашата Вања Лазарова.
– Би благодарам што ја негувате македонскита изворна музика – и рече Канческа-Милевска на Лазарова, која скромно изјави дека ќе продолжи, колку што е возможно, да соработува.
За Силјан, националната пензија од државата е големо признание за неговиот влог, како во литературата, така и во издраваштвото.
– Ова признание значи дека сепак, некој го вреднува она што го работиме со години – рече Бошевски.
Шукри изјави дека за него ова е големо признание.
– Животот не завршува кога ќе се пензионираш. За мене ова е стимул да продолжам и понатаму, како во културата, така и во образованието – рече диригентот на мандолинскиот оркестар „Скопје“ кој неодамна прослави 40 години од постоењето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


