
Кога во јануари Републиканската партија ќе ја преземе контролата над Сенатот, работите можат да станат многу покомпликувани во врска со надворешнополитичките иницијативи на претседателот Обама, сметаат експертите.
Меѓутоа, претседателот Обама и понатаму ќе има силно влијание кога се работи за насоката на американската дипломатија.
Републиканецот Мич МекКонел ќе стане лидер на мнозинството во Сенатот, што е една од највлијателните позиции во Вашингтон. Претседателот Обама и понатаму ќе ја контролира американската надворешна политика, но со републиканско мнозинство во Сенатот, ќе биде многу потешко да се претстави обединет став кон светот, смета Џејкоб Паракилас, заменик шеф на програмата за Америка во Чатам Хаус во Лондон:
– Претставата претседателот да го диригира дневниот ред, а Сенатот да ги извршува неговите директиви, ќе биде заменета со приказната во која претседателот и Сенатот се судираат по повод договорот за Иран, дополнителните санкции за Русија, стратегијата против Исламската држава.. и уште многу други прашања.
Кога новите републикански сенатори ќе ја преземат должноста, ќе имаат став за надворешната политика, а нивниот нагон ќе биде да се спротивставуваат на претседателот. Меѓутоа, ако се појават сериозни прашања за државната безбедност, веројатно ќе го поддржат, смета Јоханес Тим, експерт на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања во Берлин, кој за нашата програма зборуваше преку Скајп.
– Ако претседателот треба да се соочи со криза, или ако треба да заземе поагресивен став, може да смета на поддршка од Републиканците – прво, затоа што Републиканците се залагаат за таков пристап, па нема да му попречат. А второ, затоа што во кризни состојби секогаш имавме т.н. собирање околу знамето.
Тим верува дека Републиканците ќе поддржат некои прашања важни за Европјаните, вклучувајќи го спротивставувањето на Русија и проширувањето на транс-атлантската трговска размена. Меѓутоа, како што вели тој – можат да го спречат Обама да соработува со Европјаните во врска со климатските промени.
Едно од клучните прашања се однесуваат на нуклеарните преговори со Иран, а рокот за постигнување на договорот истекува за помалку од три недели. Аналитичарите сметаат дека тоа може да го зголеми притисокот да се постигне договор и до пред крајот на годината да го усвои сегашниот Сенат, кој го контролираат Демократите.
Во спротивно, тврди Паракилас, на претседателот ќе му биде потешко да го наговори републиканскиот Сенат да ги намали санкциите во Иран, што е предвидено со договор:
– Сигурно ќе биде принуден да заземе построг став и тоа по сите прашања.
А тоа може да го опфати и неговиот одговор на руската поагресивна политика во Украина и други места и за борбата против екстремистите на Исламската држава во Сирија и Ирак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


