Во Шведска никогаш порано не бил толку голем бројот на лица со медицинско образование вон ЕУ кои побарале да добијат дозвола за работа во шведските болници, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Во текот на октомври бројката била двојно поголема во споредба со истиот период од пред две години.
Но во исто време, со присутниот недостиг од медицински персонал во Шведска, се зголемува времето на чекање за валоризација на дипломи од некоја земја надвор од ЕУ. За мнозинството баратели тој временски период трае повеќе години пред да влезат во системот.
Забележуваме маркантен пораст во бројот на поднесени молби за валоризација во периодот од почетокот на годинава. Бројот на молби од странски здравствен персонал се зголемува отприлика како и големиот пораст на бројот на барателите на азил во Шведска, вели за „Свенска дагбладет“ Пернила Ек, шеф на одделение при шведската Социјална управа.
Само за првата проценка од страна на Социјалната управа, колку извесно медицинско образование од некоја земја ги исполнува критириумите кои важат во Шведска, нормално се неопходни два месеца чекање. Но во актуелниов миг тој период трае осум месеци. Оние за кои ќе се утврди дека треба да ја докомплетираат својата молба, а тоа се отприлика 50 отсто од барателите, треба да чекаат уште осум месеци пред да започне процесот на валидирање.
Бројот на лица кои во Шведска побаруваат валоризација на своите дипломи од странство (пред се лекари, медицински сестри, забари и фармацевти) е во силен пораст. Во текот на 2012 година секој месец во просек побарувале валоризација 102 лица со диплома вон ЕУ. Досега годинава таа бројка се искачи на 157 поднесени молби секој месец, а во октомври се регистрирани 206 молби.
За лицата на кои ќе им биде признаено медицинското образование од земја надвор од ЕУ обично се потребни неколку години пред да почнат да работат. Тие пред се треба да го научат шведскиот јазик и да го положат јазичниот испит. Освен тоа како барање се поставува и полугодишна практика во некоја болница или здравствена установа, обично како ангажман без паричен надомест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.